интервју

Не можеш да бидеш и панкер и естаблишмент

Деновиве излезе "Дани затворених врата", најновото од Хладно Пиво. Подеднакво свежо е и интервјуто со нив на тема панкери, бунтови, млади револуционери, панкерско брендирање...

Многу панкери од минатото и денес останаа панкери. Ама некои од нив станаа политичари или бизнисмени. Еден панкер од минатото, Борко Стефановиќ, некогашниот басист на панк бендот "Генерација без будучности" сега е важен лик во политичкиот живот на Србија како потпретседател на Демократската партија. Еден поранешен член на словенечки панк бенд (Булдоги) денес е бизнисмен и еден од најбогатите луѓе во Словенија. Дали е можно да останеш панкер и да бидеш дел од политичкиот или финансиски естаблишмент?

Како прво не сум баш сигурен колку некогаш сум бил панкер според светогледот. Хладно пиво беше панк бенд во своите почетоци, меѓутоа брзо свртевме во други музички води и почнавме да ги мешаме сите жанрови. Не мислам дека некој ќе биде подобар или полош политичар ако претходно слушал панк. Некогаш многу е грдо кога ги гледаш младите револуционери како се шетаат по црвени теписи и се расфрлаат со флоскули. Од такви ситни разочарувања е исткаена оваа сегашна апатија. Лично не се гледам во политиката бидејќи не сум човек од состаноци и службени ручеци. Меѓутоа да одговорам на твоето прашање: не можеш да бидеш панкер и дел од естаблишментот бидејќи тоа се две сосема спротивставени страни, тоа ти е како да си слеп снајперист или нервозен миротворец.

Што би требало денес да биде бунт? Против што денес треба да се бориш? Против што денес би требало панкерите да се кренат?

Денес е потребно на луѓето да им се даде чувство дека не се сами во ова море на заглупувачки песни и "реалити" срања. Музиката, како и добрите филмови и книги, ја имаа таа моќ да помогне бидејќи може да ти го даде чувството дека не си сам, дека се уште некаде има некој кој размислува како и ти. Во оваа борба ги користиме сите достапни средства од Фејсбук, ЈуТјуб, а имаме и своја издавачка куќа Гајба рекордс па луѓето можат да нарачаат ЦД и ќе го добијат испорачано на куќниот праг.

Насловите на порно филмовите кои ги нарачува јунакот на ТВ серијата "Битанги и принцези" а кој го глуми вашиот фронтмен Миле Кекин, влегоа во антологија. Кој ваш - може нов наслов, не влезе во серијата, а да е реплика од некој класичен, филм или серија?

Ги имаше, ама мина премногу време за тоа уште да го паметам.

Како на Хладно пиво му успеа да се брендира и да постигне успех во целиот регион резервиран единствено за поп музика?

Мислам дека за тоа е виновна фаталната комбинација на фризури, бермуди и добри маици на бина. А тука и таму ни излета и некоја добра песна со која луѓето можеа да се идентификуваат без толкувачи на метафори и речници за странски зборови.

Песната "Верувај во мене" го најавува вашиот албум "Дани затворених врата." Во што вие денес верувате? И кои се вратите што треба да се отворат?

Како прво, верувам дека одличен албум а верувам дека публиката ќе го препознае тоа. Нам, барем според првите реакции, ќе ни се отворат вратите на многу клубови во кои никогаш не сме свиреле.

виа недељник.рс

22 мај 2015 - 15:13