Пред 10 години 42 проценти Украинци изјавиле дека украински зборуваат само дома. Во 2011-та, 53% рекле дека го користат украинскиот во секојдневната комуникација со други луѓе. Тоа е раст од 11 проценти кои, според не баш најпедантната и по малку wishful логика на Форин Полиси значи дека на национално ниво, најмалку 5 милиони луѓе се префрлиле од "рускиот" во "украинскиот" блок. По Мајдан работите забрзано продолжија во ист правец и денес 60 проценти Украинци во комуникациите го преферираат украинскиот јазик .
За првпат украинскиот се смета за помодерен од рускиот, ги пренесува магазинот своите впечатоци од таму, наведувајќи и дека за првпат украинската поп музика подобро се продава од руската. Бавноста на државниот образовен систем го бајпасирале невладини организации кои форсирале школи и курсеви за учење на јазикот кои ги посетуваат најмногу лица од 30 до 50 годишна возраст.
Еден од најефикасните канали за ваквата украинизација на Украина е интернетот кој најмногу го користат младите и средната класа при што користењето на украинскиот јазик, заедио со боите од знамето, се смета како беџ за идентификација и изразување на политичките ставови. Се наведува дека Украинците систематски ги напуштаат руските веб платформи, каква што е на пример VK, руската верзија на Фејсбук.
Медиумската сцена засега останува во јазична смисла доминантно руска. Поголем дел од најтиражните весници и магазини се печатат на руски јазик исто како и вестите и најгледаните забавни програми на две од трите најголеми телевизии. Но истовремено расте популарноста на неколку веб телевизии кои се обраќаат претежно на украински јазик.