- Есмаил Багеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи, го критикуваше германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој вчера ја посети Белата куќа. Трамп му се заблагодари на Мерц поради тоа што Германија им ги отстапила на САД базите на своја територија за нападите врз Иран.
- „Ние сме на иста страна за отстранувањето на овој ужасен режим во Иран“, изјави Мерц. Тој го поддржа Трамп и во заканата дека ќе воведе трговско ембарго за Шпанија, која одби да ги отстапи своите бази за војната против Иран. Истакна дека ќе го убедува Мадрид да ги зголеми трошоците за одбрана.
- „Под притисок од германскиот канцелар, некои членки на ЕУ ризикуваат да застанат на погрешната страна од историјата со тоа што се соучесници во агресивните акти и воените злосторства на САД и Израел против Иран, оцени Багеи.
- Тој ја повика Европа да се спротивстави на секој потег што потсетува на „историските нацистички менталитети“ и да остане посветена на меѓународното право и правдата.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.