Удри гонгот и за Мухамед Али, Елвис Присли на боксот

На 74 годишна возраст почина Мухамед Али, најголемиот на сите времиња. Почна како Касиус Клеј, продолжи како Мухамед Али но без разлика на името и на верата, секогаш му беше јасно што му е кармата: "Тревата расте, птиците летаат, јас тепам."

Можеби немал да го засака боксот ако не му го украле точакот. Му се случило тоа кога имал 12 години и кога само мирисот и магијата на една маалска боксерска вежбална му ја смирувало тагата по изгубениот велосипед.

Му го пукаат носот во првата минута од првата рунда во првиот бокс меч . "Тогаш уште не знаеше да разликува аперкат од клоца," велат сведоците. Но, шест недели подоцна ја добива својата прва победа по што татко му најавува "Син ми ќе биде следниот Џо Луис, светски шампион во тешка категорија."

Освојува златен медал на Олимпијадата во 1960-та година. Подоцна тврди дека медалот го фрлил во река во Охајо. "Ми текна дека тоа сум го добил затоа речиси на смрт претепав човек кој го посакуваше истото". Нема врска таа приказна, медалот едноставно го има изгубено, но ваквите измислици зборуваат за неговиот втор најголем талент - привлекувањето медиумско внимание.

Во 1963-та година е млад, убав, брз и на раце и на јазик и најмногу од сè сака да добие шанса против големиот Сони Листон. Му оди на еден меч и гласно пред сите му дофрла:"Видете ја вие оваа голема грда мечка, не знае ништо правилно да одработи." Листон ја слуша провокацијата и исто пред сите му вика: "Слушај ти ваму, црнечко педерче, ако не се појавиш за 10 секунди пред мене, ќе дојдам, ќе ти го откорнам големиот јазик и ќе ти го напикам во газ." Клеј не го прифаќа предизвикот но потоа му оди дома и нешто подоцна мечот е договорен.

А Листон тоа време важи за косач на боксери кој прво ги оневозможува со својот празен поглед а потоа им ја зема душата со своите тупаници како токмаци. На мерењата пред мечот, Клеј има двојно забрзан пулс, луѓе мислат дека е уплашен. Но, тренерот вели дека неговиот пулен имал план: "Листон не се плаши од ниеден човек но се плаши од лудак како мене бидејќи не знае што ќе направам." Така и бива. Откако ја преживува канонадата на Листон во 5-тата рунда, во следната го принудува да се откаже. Станува светски шампион на 22 години. "Јас сум најубавото нешто што се родило на планетава," скромно изјавува.

На почетокот на 60-тите почнува да се интересира за религија и им се приближува на Црните муслимани кои во тоа време важат за маргинална група лудаци. На Клеј му се допаѓа нивната дрскост, му се допаѓа тоа што со нив "нема заебанција". Преоѓа на Ислам, станува Мухамед Али.

Во 1964 оди и паѓа на два регрутни теста за војска. Армијата му мери квоциент на интелигенција од само 78 поени.

"Јас реков дека сум најголем, а не најпаметен," објаснува Али.

Две години подоцна војската ги намалува стандардите но тогаш Али не сака во војска.

"Немам јас ништо против Виетнамците, мене никој од нив не ме нарекол црнчуга."

Белата Америка, лута на него уште со менувањето на верата, сега го товари и со епитетот предавник. Во 1967-ма титулата му е одземена, добива забрана за боксување и оди неколку месеци в затвор.

"Воздухот ќе се смени, го насетувам тоа," му пишува филозофот Бертранд Расел. И навистина, расположението околу американската војна во Виетнам брзо се менува. Во 1970 судот му ја укинува забраната за бокс.

Една година подоцна се случува бокс дуелот на векот меѓу него и шампионот Џо Фрејзер. Макљажа. Фрејзер го добива во 15 рунди, со едногласна судиска одлука.

Али ќе му врати за тоа три години подоцна, во 1974-та година но дури откако ќе го спакува големиот Џорџ Форман. Тој претходно го уништува Фрејзер во две рунди и подготвен е истото да го направи со 32 годишниот Али. Но овој ја пробува својата рискантна но луцидна катанаџо тактика. Се залепува за јажињата, се заштитува со раце и го остава Форман да го лупа и да си ја троши енергијата. До шестата рунда Форман е комплетно исцрпен, "кожата му беше како асфалт стопен на врело сонце." 20 секунди пред истекот на таа рунда, со серија удари Мухамед Али го легнува Џорџ Форман.

Реваншот со Фрејзер е закажан во Манила. Пред дуелот Али бескрупулозно го хејта противникот. "Тој е чичко Том, тој работи за непријателот". Пак макљажа. По канонадата на Али во 13 рунда, тренерот на Фрејзер во следната го прекинува натпреварот. Али подоцна признава дека таа вечер бил најблиску до смртта.

Во 1978 година Али има 36 биолошки години, но во боксерска смисла е уште постар. Ја губи титулата од новајлијата Леон Спинкс кој дотогаш имал само 7 борби, но подоцна ја враќа со победа над истиот. Вели дека е зрел за пензионирање но не му дава петлето па во 80-та грдо губи од  Лари Холмс, неговиот некогашен спаринг партнер.

Последните децении од својот живот ги мина со Паркинсова болест.

ТАКА ГОВОРЕШЕ МУХАМЕД АЛИ:

  • Џо Фрејзер е толку грд што кога плаче, солзите му бегаат од лицето и му течат по тилот.
  • Го имам видено Форман како боксува со сенка. Сенката победи.
  • Ако сонуваш дека можеш да ме победиш, најпаметно ти е да се разбудиш и да ми се извиниш.
  • Ако можат да направат пеницилин од мувлосан леб, тогаш сигурно и од тебе можат нешто да извлечат.
  • Ако човек на 50 години го гледа светот исто како што го гледал кога имал 20, тој човек изгубил 30 години од својот живот.
  • Толку сум заебан што од мене и лековите се разболуваат.
  • Тешко е да си скромен кога си голем колку мене.
  • Јас сум најголемиот.
  • Јас не сум најголемиот, јас сум дупло најголемиот!

ТАКА ТЕПАШЕ МУХАМЕД АЛИ

4 јуни 2016 - 13:47