Британците ни го украдоа СВОЗ

Едно време низ Македонија секоја година имаше СВОЗ. „Сите во одбрана и заштита“, за да им биде појасно на помладите, кои не ги паметат масовните вежби за преврзувања ѓоа-ранети и чистење скривници ниту виењето на сирените за да се држи во форма системот на тревожење при непогоди. Дојде време Англичаните да вежбаат СВОЗ, а ние да не знаеме како да укажеме прва помош на човек.

Британија во почетокот на септември ќе одржи масовна вежба за проверка на јавната безбедност и системот за тревожење, најголема во својата историја. 

На 7 септември, недела, мобилните телефони на сите Британци поврзани со 4G и 5G мрежите ќе вибрираат и ќе емитуваат звук на сирена до 10 секунди. На екраните автоматски ќе се појави порака, со објаснување дека предупредувањето е само тест.

Министер Пет Мекфаден објасни дека дека тревожењето преку мобилни телефони би можело да спаси животи за време на силни бури, поплави или големи пожари.

Во нормални услови, системот за итни предупредувања се активира при екстремни временски услови или опасност по животот во близина. Луѓето на своите телефони добиваат информации за заканата и совети како да постапуваат. 

Британците веќе спроведоа слична вежба во 2023 година, но во многу помал обем, како првично тестирање на системот. Од тогаш преку системот биле испратени пет тревоги на локално ниво, кога било проценето дека невреме може да загрози животи.

Во декември приближно 3,5 милиони луѓе во Велс и југозападна Англија добиле предупредување за бурата Дараг, а лани во февруари имало тревога во Плимут, кога била пронајдена неексплодирана бомба од половина тон од Втората светска војна. Сличен систем функционира во САД, како и во Јапонија.

Овој систем би можел да ви го спаси животот во итен случај. Важно е да го тестираме за да знаеме дека ќе работи ако затреба. Не треба да преземате никаква акција. Во вистинска итна состојба, следете ги упатствата во предупредувањето за да се заштитите себеси и другите, објасни министерот.

Пратеници бараат системот да биде надграден со различни начини на комуникација, за да се обезбеди тревожење и на луѓе што немаат пристап до мобилен телефон.

7 август 2025 - 12:06