Претстојната њујоршка премиера на новиот филм на Луи СиКеј е откажана, а тој нема да се појави ни на закажаното ТВ гостување кај Колбер. Филмот се вика „I love you Daddy“ и станува збор за остарен продуцент на кој му се сака со млади девoјки. Оние што го гледале на затворена проекција велат дека во филмот неизбежни се асоцијациите со животот на Вуди Ален.
Луи во септември ги отфрли обвинувањата дека и тој непристојно се однесувал кон колешки тврдејќи дека се работи за непоткрепени гласини и трачеви. Но Њујорк тајмс вчера излезе со сторија за него, базирана на сведочењата на пет жени, четири од нив со име и презиме, петтата сакала да остане анонимна.
Сумирано, негов фетиш бил да го вади и да мастурбира пред нив. Не сите прифатиле, една од нив после таквиот предлог го потсетила дека има жена и деца, па овој се засрамил, се повлекол и ѝ рекол дека си има проблеми во главата. А таа што прифатила, „мислела дека така треба“.
Патем, обвинувањата се однесуваат на сцени што се случиле пред 20-тина години, во доцните 90-ти и раните 2000-ти. Но, да одиме по ред:
Приказната на Дејна Мин Гудмен и Џулија Волов:
Во 2002 овој комичарски дует од Чикаго се запознале со Луи во Колорадо. После нивниот настап ги поканил во својата хотелска соба и таму, наводно, ги прашал дали може да си го извади од гаќи. Да повториме: ги прашал (ако не прашаш, како ќе знаеш дали се за?). Овие тогаш мислеле дека е заебанција. 15 години подоцна мислат дека е сексуално малтретирање.
Ејби Счачнер:
Во 2003 таа му се јавила за да го покани да види нејзин настап. На Њујорк тајмс им рекла дека за време на телефонскиот разговор, слушнала звуци од кои ѝ станало јасно дека тој мастурбира додека прави муабет.
Ребека Кори:
Таа е таа што го потсетила дека има трудна жена и ќерка. „Се вцрвени во лицето и кажа дека си има проблеми“, се сеќава Кори. Продуцентите слушнале за непријатната размена, но Кори не сакала да биде таа поради која ќе се откажува најавениот проект. Пред две години Луи на Кори ѝ пишал меил со извинување за инцидентот.
Анонимната:
Се сретнале во доцните 90-ти, кога Луи пишуваше гачки за шоуто на Крис Рок. Ајванов неколкупати ѝ предложил да го гледа додека мастурбира. Таа неколкупати прифатила. „Голем дел од причините зошто кажав „да“ се должеа на тогашната култура. Тој ја злоупотреби својата моќ“, вели денес злоупотребената гледачка, која рекла „да“ од културни причини.
Сторијата на Луи СиКеј е технички неколку чекори зад приказната на Кевин Спејси, па веќе е јасно што ќе се случува и со него. Спејси не само што беше итно набркан од серијата House of Cards каде што беше главен лик и извршен продуцент, туку сега ги преснимуваат и сцените со него во завршениот, а сè уште необјавен филм „All the Money in the World“.
Во морално прочистената верзија на филмот неговата улога ќе ја преземе Кристофер Пламер, а ќе биде пишурија ако во меѓувреме и за него се откријат непријатни пикантерии.
Во Холивуд досега се преснимуваше само во случаи кога актерот што почнал некој филм починал за време на снимањето. Тоа се правеше со филмови на Натали Вуд, Хит Леџер, Оливер Рид, Пол Вокер, Филип Сејмур Хофман. Сега, без преседан во филмската историја на Америка, тоа се прави и ако за некого се објавиле медиумски обвиненија, без никаков правен и судски епилог.
Фали уште да почнат да бришат и наназад, да вадат сцени од стари филмови со овие ликови и ситуацијата комплетно да личи на советските времиња, кога се ретушираа стари фотографии и од нив се вадеа ликовите што во меѓувреме ги изела темница поради проценка на Ленин или Сталин.