Газа нема храна, но има плати за Хамас

Двете години уништувачка војна го десеткуваа воениот капацитет на Хамас, но групата сè уште има доволно пари за да ги плаќа јавните службеници. Платите се сведени до минимум, а кога нема кеш се исплаќаат во брашно. Се доставуваат по тајни канали, а се црпат од трезор во кој пред терористичкиот напад врз Израел биле скриени стотици милиони долари во кеш.

Наспроти војната, гладот и хаосот во Газа, Хамас наоѓа начин да им исплаќа вкупно 7 милиони долари месечно на околу 30.000 јавни службеници во енклавата. 

Тројца службеници потврдиле за ББЦ дека пред една недела добиле плата од 300 долари. Платата е значително намалена на 20% од сумата што била пред војната, а се испорачува на секои десет недели. Инфлацијата ја прави оваа сума симболична, бидејќи килограм брашно достигна цена од 80 долари.

Без функционален банкарски систем во Газа, доставувањето плата е ризична операција. Куририте се движат тајно за да не бидат откриени од израелските сили, зашто веднаш ќе бидат ликвидирани. Вработените во јавните служби, од полицајци до даночни службеници, добиваат шифрирана порака на своите телефони или на телефоните на блиски роднини, со инструкции да бидат во прецизно време на одредена локација „за да се сретнат со пријател на чај“. На средбата им приоѓа непознато лице, им предава запечатен коверт и веднаш заминува.

Секој пат кога одам по плата се збогувам со сопругата и децата. Знам дека можеби нема да се вратам. Израелците неколку пати погодија пунктови. Преживеав напад врз пазар во градот Газа, раскажува вработен во Министерството за верски работи.

Висок функционер во Хамас, запознаен со финансиските операции, изјави за ББЦ дека групата складирала близу 700 милиони долари во кеш и стотици милиони шекели во подземни тунели пред да го изврши ѕверскиот терористички напад на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика суровата израелска одмазда. Трезорот наводно бил под директна контрола на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, и неговиот брат Мохамед. И двајцата беа убиени од израелските сили. Во март израелската војска соопшти дека го убила раководителот на финансиите на Хамас, Исмаил Бархум.

Хамас пред војната собираше финансии од високи царини и даноци, како и од милионски донации од Катар. Военото крило - Бригадите Касам, функционираат преку посебен финансиски систем, со средства од Иран. Забранетото Муслиманско братство од Египет, една од највлијателните исламистички организации во светот, издвојува 10% од својот буџет за Хамас. 

Откако почна војната, Хамас продолжи да наплаќа даноци на трговците. Најмногу пари собира од продажба на цигари, чија цена од 5 долари пред војната сега се искачи на 170 долари за кутија.
Дел од платите Хамас исплаќа во пакети со храна за своите членови. Ги доставува преку локални комитети, чии раководства често ротираат за да не бидат цел на напади. 

Привилегиите за членовите на Хамас го поттикнале гневот од Палестинците, кои го обвинуваат движењето дека се грижи само за сопствените интереси. И Израел го обвинува Хамас дека насилно ја граба хуманитарната помош за населението за да ги нахрани само своите членови.

Нисрин Халед, вдовица што се грижи за три деца ги обвинува локалните власти дека не обезбедиле доволно резерви од храна, вода и лекови пред да тргнат во крвавата авантура на 7 октомври. 

Моите деца плачат од глад, но и кога ги гледаат соседите како добиваат пакети со храна и вреќи со брашно, вели Халед за ББЦ.

7 август 2025 - 08:20