Петок, 13-ти е. Пијам кафе, отворам весник и се обидувам да сфатам што се случува во оваа земја. И не ми оди баш најдобро. Не затоа што нема информации, туку затоа што ги има толку многу, што почнувам да мислам дека се одвиваат неколку паралелни политички реалности на исто место. Или можеби Србија едноставно се врати на својот омилен политички жанр: историски експеримент без упатство за употреба.
Студентите победија. Во парламентот одлуките ќе се носат онака како што ќе каже „Пленумот“. Кој е пленумот, како носи одлуки, кој го сочинува и пред кого одговара – тоа се прашања од мала или никаква важност. Важно е тоа што се појави нова политичка категорија: „морален авторитет“ кој, судејќи по сè, треба да го има последниот збор во држава чии идни претставници допрва се подготвуваат да седнат во пратеничките клупи. Уставот, се разбира, останува на сила. Само што (уште) не се знае кој и дали воопшто некој ќе го чита.
Занимлив концепт. Со години се боревме за владеење на правото, за на крајот да се соочиме со барање највисоките државни органи да ги усогласуваат своите одлуки со тело чиј мандат, состав и одговорност не се јасно дефинирани.
Проблемот не е во тоа што студентите се млади. Не мора да се биде на одредена возраст за да се занимава човек со политика. Проблемот лежи во идејата дека еден „морален авторитет“ може да се претвори во политичка надлежност а никој да не мора да објасни како или зошто.
Во меѓувреме, започнаа апсењата. Поранешни функционери, полицајци, директори – луѓе кои со години биле дел од системот. Се создава впечаток дека државата сепак е способна да си ја врши работата. Само што, на власт се истите луѓе од вчера зашто новото Собрание сè уште не е ни конституирано, ниту пак е формирана нова Влада.
Кој ги спроведува овие апсења? Институциите? Истите оние институции кои со години беа предмет на основани сомневања за политичка контрола? Што ги поттикна сега на акција? Промена на политичката клима? Страв од идна одговорност? Дополнително откриена професионална храброст?
Засега, заслугите им се припишуваат на победниците на изборите – дури и пред тие формално да ја преземат власта. Изгледа дека е доволно да победиш на избори за да ти се припишат заслугите за работата на државните институции. Ако е така, можеби треба однапред да им ги припишеме и сите идни успеси. За одговорноста, лесна работа. Во Србија таа секогаш се губи некаде помеѓу надлежностите.
Тука се и нашите стари политички познаници. Некои веќе менуваат страни, некои се тргнуваат на страна, некои од телевизиските екрани ни објаснуваат како ќе биде. Поранешните радикали се појавуваат како демократски реформатори – иако сè уште користат познат вокабулар кој, и покрај новиот политички пејзаж, не претрпел никаква јазична реформа. Нема врска. Политичката биографија и онака е флексибилна категорија. Важно е само човек навреме да се препознае во својата нова историска улога. Судејќи по неговите јавни настапи, и рускиот амбасадор е длабоко вклучен во иднината на Србија. Човек би помислил дека сме добиле нова покраина, а не ново парламентарно мнозинство. За европската перспектива се зборува штедливо и со претпазливост, за Русија се зборува често и присно. Санкциите, се разбира, воопшто не се опција.
Изгледа дека сè може да се смести под ист политички покрив: европски интеграции, пријателство со Русија, воена неутралност и по некоја историска благодарност. Политичката програма е како шведска маса – земате што ви се допаѓа, а ако некогаш стигне сметката, едноставно ѝ ја префрлате на следната влада.
И тука доаѓаме до феномен кој не ни е непознат: се гласаше за промени но не е јасно какви промени добивме. Едни очекуваа европска Србија, други Србија без Вучиќ, трети Србија по мерка на студентското движење, четврти четврто.
Заедничкиот именител беше доволно широк да ги собере сè освен прашањето што доаѓа после победата.
А после победата доаѓаат прашања.
Кој одлучува? Кој одговара? Кој има мандат? Кој ги контролира институциите? Зошто од граѓаните кои гласаа за правна држава се очекува без многу прашања да прифатат некој неформален центар на политичко одлучување?
Можеби овие прашања се непристојни во оваа фаза на историски занес. Прво се верува, дури потоа се читаат ситните букви, ако воопшто ги има.
Можеби најинтересно е што во целата приказна повторно се појавува стариот, добро познат образец: потребата да се пронајде некој кој е над политиката, над институциите, над вообичаените правила. Некој кому му се верува зашто претставува морална идеја па потоа таа идеја се претвора во право да одлучува во името на сите.
Низ историјата имаме менувано носители на таков авторитет: Бог, кралот, партијата, Тито, народот, Слобо, студентите. Се менуваа униформи, знамиња, пароли и историски оправдувања. Она што многу не се менуваше е подготвеноста, во име на некоја виша цел, да го одложиме прашање кој кому му одговара. Бидејќи во Србија демократијата најлесно се разбира ако не се инсистира на нејзините правила.
Можеби е најважно да не носиме прерани заклучоци. Да гледаме што се случува, да разликуваме ветувања од одлуки, институции од политички движења, морален авторитет од уставни надлежности. И да не прифаќаме секоја нова политичка стварност да ни се претставува како историска нужност.
Србија веќе имаше доволно историски нужности да може да ѝ се дозволи да проба обична политичка одговорност. Зашто таа не е ничија сопственост (колку и да е досадно, ова мора да се повторува). Ни на победниците, ни на поразените, ни на пленумите, ни на амбасадорите, ни на оние кои вчера се сетија дека отсекогаш била на вистинската страна на историјата.
Таа е земја на сите нас и никој нема право од нас да бара да престанеме да поставуваме прашања, само затоа што ги добил изборите.