Не можеме да продолжиме да креираме политики за себе, за нашата држава, регион или континент, базирани на тоа за што западниот свет, фондовите или ЕУ ќе ни дадат поддршка. Тоа ниту функционирало, ниту функционира ниту пак некогаш ќе функционира. Наша одговорност е да исцртаме пат кој ќе одговори на прашањето како самите можеме да ја развиваме државата. Не е добро на земја како Гана, 50 години по нејзината независност, буџетот за здравство или образование сè уште да ѝ зависи од великодушноста и милосрдието на европските даночни обрврзници. До сега требаше да можеме сами да ги финансираме нашите базични потреби.... И ако треба да погледнеме во следните 60 години, период во кој треба да видиме како да застанеме на свои нозе; наша перспектива не треба да биде што решиле француските даночни обврзници, иако сме благодарни за нивниот придонес....
Ако сте запознаени со европската историја од 19-от век, знаете дека најголемите мигрантски бранови доаѓаа од Ирска и Италија. Маса народ, генерации и генерации ги напуштаа своите земји за да го побараат американскиот рај, најмногу затоа што нивните татковини не функционираа. Денес не слушате за такво нешто. Младите Италијанци се во Италија, младите Ирци се во Ирска.
Ние треба да работиме на тоа младите Африканци да останат во Африка. А тоа значи да ја напуштиме менталната матрица на зависност, матрица по која најважно е што Франција може да стори за нас. Франција ќе го стори она што е во нејзин интерес и за нејзино добро. Но НАША главна обврска како лидери и граѓани е да видиме што треба да направиме за нашата земја да созрее. Дали нашите институции функционираат, дали има добро управување, одговорно владеење, да осигураме парите од граѓаните да не завршуваат во џебовите на лидерите, да изградиме систем кој ќе носи одговорност за надлежностите, кој ќе овозможува диверзификација, кој ќе им овозможи на луѓето да се изразат и да придонесат за јавното добро.
Нашиот концепт треба да биде што ние треба да направиме во овој 21 век да ја мрднеме Африка од тоа да биде питач кој зависи од помош и од милосрдие. Ако ги погледнете нашите ресурси, би требало ние да им даваме пари на други. Но, за тоа ни треба матрица која ќе нè потсетува дека НИЕ МОЖЕМЕ. Ако можеле другите, можеме и ние!
Јас сум голем пријател на Франција и франкофил, немам проблем со тоа, но зборувам за нашата сопствена одговорност, што треба да направиме нашата земја да функционира за да создадеме услови младите да не размислуваат за ризичните сценарија како да завршат во Европа. Тие не одат таму затоа што сакаат, одат затоа што не веруваат дека дома имаат шанса. Затоа тоа треба да биде нашиот главен фокус. А за тоа треба да ја промениме матрицата на зависност, матрица која вечно се одржува на странска помош и милосрдие.
Нана Адо, претседател на Гана, на прес конференција со Макрон, декември 2017