Еве ме мене, без брада и малку мовембарски, клучниот момент кој според анонимни извори во Синодот, прелеало нечија чаша во врска со мене па се решил за јавен отстрел на архимандритот Арсениј.
Веднаш да ве успокојам. Нема да ви пишувам што сè мене ми ја прелевало чашата сиве овие години. Кодексот на братство бил и ќе остане карактеристика на моето однесување. Ја симнав мантијата, но ја задржав почитта кон повозрасните, поискусните. И попрецизните во детерминирањето на нечија вредност, трпение, поведение.
По ова ветување за што сè нема да ве потсетувам, верувам дека можете да ме читате посмирено.
Замонашен сум во 1997-ма година. Но, мене брадата никогаш и не ми служела да си го кријам лицето. Затоа и се растажив кога видов дека некој од браќата решил да комуницира анонимно. Како ќе го браниме името на нашата црква ако и меѓу себе ни е полесно да комуницираме анонимни?
Мене не ми требаше помпа ниту кога се замонашував ниту пак кога решив да ја симнам мантијата. Во обата случаи, одлуката беше интимна, лична, донесена по долги промислувања и разговори со себе, се надевам, со Божја милост. Затоа и не ве оптоварував со мојата одлука да заминам, ниту пак помислував да одбирам погоден новинарски телал да ви ја пренесе мојата порака.
Дојдов во мир, со спокојна душа. Сакав така и да заминам. Човек има порив, потреба, тргнува по еден пат. Во некој момент, после минати многу искушенија, сфаќа дека веќе не е онаму каде што сака да биде и дека не може да го затвори кругот на својата мисија онаму каде што е. Си заминува и ги остава оние потрпеливите и подостојните да го надополнат неговото отсуство без да прави драми. И тоа е тоа, драги мои. Ваквите одлуки не се нималку лесни за носење, но, кога е човек искрен пред Бога и искрен со себе, сето тоа е крајно едноставно.
Во некои од текстовите на тема "Отецот Арсениј и неговото право" се шпекулираше дека сум заминал затоа што не сум станал Владика. Да ми била единствената амбиција да бидам интронизиран, нели ќе беше пологично да останам таму, меѓу своите, што искрени, што анонимни браќа? Па следеше и најавата: „Синодот ќе го разреши од архимандритскиот чин, а ќе видиме дали ќе остане во Црквата".
Прво, Арсениј сам се разреши од архимандритскиот чин, бидејќи одбра да не носи мантија. Уште поважно, јасно ли ви е дека чинот може да се одземе но не и верата? А и обратно, дека чиновите не ни ја зголемуваат верата?
Но, што станува со она второто: "Ќе видиме дали ќе остане во Црквата?" На оној што го поставува ова прашање очигледно не му е јасно, дека „Црква" не е ниту архитектонска градба, ни орган, ни управно тело, ни дисциплинска комисија, туку заедница на луѓе кои ги делат истите етички норми чија основа е вербата во нешто повисоко од нас, во Бога. Да, може некој да е вработен во МПЦ (јас не сум), може да зема плата од МПЦ (не и јас). Или тоа анонимниот извор смета дека има право да одредува кој смее, а кој не смее да биде на страната на Христос?
Отец Арсениј бил виден во кафулиња и терал бизниси. Ете беља. Тоа го пренесува новинар кој пред да го објави ова, не успеал ни да го најде "негативецот" за кого се тврди дека - не се ни крие! А навистина не се кријам. Ете ме мене везден меѓу луѓе, каде и да се - во Скопје, Струмица, Штип, Дојран... Со луѓе бев и кога со години бев програмски координатор на струмичката терапевтска заедница за превенција и лечење зависности. Зарем некој уште мисли дека треба да сме видени само на венчавки, погреби и други настани со црковна тарифа?
Останува уште бизнисот. На овој дел, навистина би сакал да замолчам. Водењето бизнис е концепт кој е толку туѓ на некои кругови во Синодот. Нели?
со почит,
Арсениј Христов
верник, магистер по теологија, докторант на психологија во Њујорк