Вашингтон Д.Т.

Доналд Трамп ја испрати Националната гарда на улиците на Вашингтон за да го исчисти главниот град на САД од „малолетни дивјаци, манијаци и бездомници“. Окружната полиција првпат во историјата ќе биде под контрола од федералните власти, барем 30 дена. Предупреди дека слични мерки ги очекуваат и најголемите градови - Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго, ако не ја средат безбедноста.

По наредба од претседателот Трамп, повеќе од 800 војници од Национална гарда од идната недела ќе бидат распоредени во Вашингтон. Главната обвинителка Пам Бонди ќе ја преземе контролата од Метрополитен полицијата. Заедно треба да го запрат беззаконието во главниот град на САД.

Ова е историска акција за спасување на главниот град на нашата нација од криминал, крвопролевање, хаос, гнасотија и уште полошо. Ова е ден на ослободување во Вашингтон. Ќе го вратиме нашиот главен град, порача Трамп.

Тој го опиша Вашингтон како „еден од најопасните градови во светот“ и го спореди со Богота или Мексико Сити. Трамп додаде дека чистењето на криминалот нема да запре во Вашингтон.

Нема да ги изгубиме нашите градови. Ова ќе се прошири, додаде претседателот, спомнувајќи ги Њујорк, Лос Анџелес, Чикаго, Балтимор и Оукленд.

За да ја преземе контролата врз главниот град, Трамп се повика на Членот 740 од Законот за управување на Округот Колумбија. Ова е прв пат во историјата на Вашингтон федералните власти да ја преземат полицијата. Претседателот има право да ги преземе овластувањата максимум 30 дена. За подолго, потребен му е специјален закон одобрен од Конгресот.

Оправдувајќи го потегот, Трамп изјави дека Вашингтон е на немилост на „насилни банди и крволочни криминалци, скитнички толпи млади дивјаци, дрогирани манијаци и бездомници“.

Полицијата ќе има дозвола да прави што сè што по ѓаволите сака, за да одговори на провокациите. Тоа е единствениот јазик што го разбираат. Тие сакаат да ѝ плукаат во лицето на полицијата. Плукнете само и ние удираме, и тоа удираме прилично силно, изјави Трамп.

За време на викендот тој испрати на улиците повеќе од 450 припадници на разни сили за безбедност - ФБИ, полицијата на Капитолот на САД, Федералната служба за заштита, Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви и други агенции.

Статистиката вели дека Вашингтон всушност е многу побезбеден отколку што бил, на пример, во 1991 година, кога имало 482 убиства, според податоци на непрофитната организација USAFacts. Градот беше погоден од криминален бран и по пандемијата. Во 2023 година имало повеќе убиства од било која година по 1997 и во тоа време беше меѓу петте градови со највисока стапка на убиства - зад Мемфис, Сент Луис  и Балтимор. До минатата година бројот на убиства паднал на 187, а годинава се очекува да има уште помалку. 

Главната обвинителка на округот, поранешната водителка на Фоксњуз Жанин Пиро, пред една недела се пожали на прекумерната попустливост на полицијата при гонењето на малолетни деликвенти. 

Има премногу насилни злосторства извршени од млади панкери здружени во банди и спремни да ве претепаат. Не можам да ги уапсам. Не можам да ги гонам. Тие одат на семеен суд и можат да прават јога и уметност и занаети. Доста е, денес се менува, изјави Пиро. Таа побара измени во законот за да се овозможи прошири опсегот на случаи во кои малолетници може да се соочат со суд за возрасни.

Градоначалничката Мјуриел Баузер ја опиша интервенцијата како „вознемирувачка и без преседан“, но одби директно да го критикува претседателот. Таа вети дека ќе ја почитува наредбата и ќе соработува со федералната влада.

Верувам дека ставот на претседателот за Вашингтон е формиран од искуството од времето на пандемијата за време на неговиот прв мандат. Вистина е дека тоа беа предизвикувачки времиња. Вистина е и дека доживеавме скок на криминалот по ковид, но работевме брзо на воведување закони и тактики што ги отстранија насилните престапници од нашите улици и им дадоа на нашите полицајци повеќе алатки, изјави градоначалничката.

Трамп повика и на чистење на бездомниците од улиците и камповите низ градот: „Бездомниците мора да се иселат, веднаш. Ќе им дадеме места за престој, но далеку од од главниот град“.

12 август 2025 - 08:13