Како на Американците им се згади естаблишментот и медиумите (прв дел)

Пренесуваме (во два дела) една темелна ретроспектива на оина што се случуваше во САД во последниве 4-5 години ( а се случува сешто) која објаснува како и зошто милиони Американци изгубија верба во институции и медиумите и се закотвија во кампот Трамп, откако увидоа каква „шарена револуција“ им се монтира пред очи.

ЗАБЕЛЕШКА ОД ГЛЕН ГРИНВАЛД: Во петокот (8 Јули), релативно непознат корисник на Твитер со помалку од 7.000 следбеници – кој своите твитови ги објавуваше под псевдонимот MartyrMade - објави низа на последователни твитови кои за кратко време станаа една од најсподелуваните и највирални твитер нишки на годината. Нишката се состои од триесет и пет твитови, во кои писателот и водител на подкаст, чие вистинско име е Дарил Купер, сакаше да ги објасни причините и начинот на размислување што натера многу приврзаници на Трамп да веруваат дека изборите во 2020 година во САД беа лажирани и воопшто да изгубат верба во авторитетот на повеќето државни институции во Америка.

Бројни новинари, вклучувајќи ме и мене, ги промовираа согледувањата наведени во оваа твитер нишка, како една од најпроникливите анализи што досега се објавени а во кои се објаснуваат верувањата на кои се темели движењето МАГА. Таа вечер, водителот на Фокс Њуз Такер Карлсон, посвети сегмент од 7 минути во кои единствено ги читаше 35 твитови од Купер. На конференцијата на CPAC (Conservative Political Action Conference) во неделата (11 Јули), поранешниот претседател Доналд Трамп во своето обраќање до присутните експлицитно ја препорача нишката поврзана со овој твит повикувајќи се на името на Купер. Во следните четири дена, акаунтот на Купер на Твитер порасна на над 70 илјади следбеници (во моментов 88 илјади). Јасно е дека зборовите на авторот силно одекнаа во оваа политичка фракција и е соодветно објаснување за тоа како десетиците милиони МАГА гласачи гледаат на случувањата во САД.

Во нашиот сегмент за мислењата на автори кои не се дел од Сабстак наречен  „Outside Voices“, го замоливме Купер да го образложи неговиот твит, со фокус на она што го наведе на ваквите согледувања за сентиментот во МАГА движењето и зошто верува дека е важно луѓето да ги разберат. Како што кажува Купер, тој не ги споделува сите перцепции и верувања што ги пренесува, иако се согласува со многу од нив. Во услови кога е очигледно дека повеќето медиуми немаат способност/ не сакаат да ги разберат и точно да ги опишат и пренесат мислењата и ставовите на оваа група на луѓе, на кои гледаат со целосен презир и потсмев, Купер верува дека е императивно на јавноста да и се објаснат причините кои мотивира толку многу гласачи на Трамп да држат до своите ставови, перцепции и убедувања - без оглед дали баш секое конкретно верување е точно или не.

И ние исто така веруваме дека е од витално значење ова да и се објасни на јавноста, па затоа сме среќни што ќе го објавивме есејот на Купер. Се подразбира дека, како што важи за сите наши статии објавени во делот на „Outside Voices“ - кои ги третираме како мислења/колумни на автори - нашето објавување на истите не значи дека се согласуваме со се што е напишано, туку дека веруваме дека оваа гледна точка вреди да се објави.

Есејот на Дарил Купер

Твитер го напуштив минатиот август. Го баталив засекогаш. Освен што објавив линкови од две нови епизоди од мојот подкаст, до Твитер не припарив осум месеци и воопшто не зажалив. Околу средината на јуни, дозволив да бидам убеден дека ангажманот преку социјалните мрежи е дел бизнисот на водење подкаст, па се вратив назад на Твитер, ветувајќи си сам на себе дека никако нема да дозволам да бидам вовлечен во политичките дебати. Но работите не се одвиваа според планираното.

Искушението се маскираше во форма на разговор со мајка на еден пријател. Таа дојде во посета од северот на државата Њујорк и започнавме разговор додека мојот другар беше во куќата и се грижеше за мојата внука. Мајка му е хардкор симпатизер на Трамп и потекнува од една помалку цинична генерација која верува во она што го слуша од извори на кои им верува. Цела недела го гњавеше својот син ѝ околу можното местење на изборите во САД, а тој се обидуваше да и ги побие различните теории поврзани со носење гласачки ливчиња со камиони и хакирани електронски машини за гласање.

Мене ме „доведе“ до ќош кога ми го постави следното прашање: „Дали мислите дека изборите во ноември 2020 беа легитимни?” Јас ѝ ја кажав вистината, дека „не знам“.

И додека мојот пријател го легнуваше бебето за да ни се придружи, ние бевме длабоко навлезени во дискусијата за тоа што се случи минатата година, и таа беше задоволна што сум на нејзина страна. „Види?!? Тој (мислејќи на мене) знае што се случува! Јас не сум луда. Тој е паметен, и ТОЈ знае! “ Мојот пријател со рака покажа кон мене да запрам и рече: „Дарил, што тоа ѝ збориш на мајка ми?“

Она што и го кажав беше некаква верзија од твитер нишката која Такер Карлсон од Фокс Њуз ја прочита во етер во петокот навечер и која претседателот Трамп, спомнувајќи го моето име, експлицитно ја промовираше во својот говор пред CPAC во неделата, што резултираше со експлозија на меилови во моето електронско сандаче, а ветувањето дека ќе останам подалеку од политиката се стори парам-парче.

Јас ѝ реков дека не знам многу за гласачките ливчиња, ниту за машините за гласање или за некоја компанија која го правела гласачкиот софтвер а за која што слушнала дека има врски со Венецуела. Не ги следев ниту Сидни Пауел, ниту Лин Вуд, ниту деталите за судските случаи кои беа актуелни а поврзани со оваа тема. Мислам дека одлуката да престанам да следам што се случува, ја донесов во оној моментот кога Руди Џулијани одржа прес конференција пред фирма за градинарско уредување која имаше сличен назив како хотелот „Four Seasons“. Или можеби причина беше кога на следниот прес на Џулијани по лицето почна да му тече од бојата со која ја фарба косата, или можеби кога Сидни Пауел спомна некакво морско чудовиште „Кракен“ – односно сè што во тие денови по изборите се случуваше и некако сето се измеша.

Но, се сочувствував со неа. Таа не беше првата личност со која имав дискусија на оваа тема и се сочувствував со сите нив. Разговарав доволно често на оваа тема за да се чувствувам слободен да дадам една општа теорија за тоа на што се жалат овие луѓе.

ПРА-ГРЕВОТ РУСИЈАГЕЈТ

Како и мајката на мојот пријател, повеќето од овие луѓе веруваат во некои или во сите теории поврзани со лажните гласачки ливчиња, штелуваните машини за гласање и останатите поплаки. Ако загребете под површината ќе откриете дека не се конкретно приврзани кон било која од нив. Повеќе изгледаше како различните теории да беа метафора, односно конкретен симбол преку кој сакаат да го изразат длабокото (но тешко објасниво) претчувство дека што и да се случи на изборите во ноември 2020 година во САД, тоа не беше израз на слободни и демократски претседателски избори. Одложувањата на броењето на гласовите и доцнењето со објавувањето на резултатите (порано резултатите се знаеја истата вечер, а сега беше потребна дури една недела), промените на гласачките процедури во 5 до 12, невидената координирана кампања за цензура од страна на големите технолошки компании за заштита на ликот на Бајден, ги сфатија како кулминација на пан-институционалната анти-Трамп кампања, која неговите гласачи гледаа како се одвива повеќе од четири години.

Иако многумина од нив сега негираат, голем дел од подржувачите на Трамп во 2016 година беа искрено загрижени во раната фаза од истрагата (на Роберт Мулер) за можната соработка (на тимот на Трамп) со Русите. Навистина, доказите се чинеа тенки, а самата помисла дека безбедносните служби на САД и на сојузниците ќе му дозволат на Трамп да ја преземе функцијата претседател ако навистина сметаат дека е уценет од Русите, се чинеше апсурдна. Но на многумина конзервативци во 2016 и почетокот на 2017 година, исто така им изгледаше апсурдно да помислат дека државните институции во кои имаа длабока доверба, па дури и на оние на кои не им веруваа, ќе одат ОЛ-ИН во одбрана на оваа приказна за соработка со Русите, ако немаа барем некој мал доказ против Трамп и неговиот тим. Замислете ги последиците по довербата во овие институции ако се покаже дека сето тоа е фарса.

Денес јавноста знае дека ФБИ и другите разузнавачки агенции спроведоа таен надзор над членовите од тимот кој ја водеше кампањата на Трамп врз основа на измислени „докази“ од страна политички оперативци кои работеа за тимот кој ја водеше кампањата на Клинтон, и пред и по изборите во 2016 година. (Овие сознанија се резултат на бројните сведочења на голем дел од инволвираните во надзорните комисии на Конгресот и Сенатот, како и од извештаите подготвени од Генералниот Инспекторат при Министерството за правда во САД). Исто така знаеме дека безбедњаците кои биле вклучени во истрагата знаеле дека обвинувањата за „соработка со Русите“ се дел од кампањата „одобрена од Хилари Клинтон… чија цел било да се омаловажи Доналд Трамп преку креирање на скандал за наводно мешање на руските служби за безбедност“. Можеби и можеше да се очекува такво однесување од Клинтонови - политиката е опасна и насилна игра и Хилари има многу „скалпови“ и „ловечки“ трофеи на нејзиниот ѕид. Но, многу од луѓето што гледаа како ова се случува, беа традиционално воспитани и патриоти. Тие на своите деца за роденден им купуваат џебна копија од Уставот на САД. Тие имаат жолти налепници за поддршка на армијата на САД на колите, и ставаат знамиња во дворовите во чест на загинатите, ранетите и исчезнати војници, и ги укоруваат оние кои си разговараат додека се свири химната на САД на спортските натпревари. Тоа се луѓето што им веруваа на своите институции кога им беше кажано на Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување. За нив, користењето на лажни докази (вклучително и фалсификувани документи) за шпионирање на претседателскиот кандидат не е мала работа.

Можеби многу либерали ќе изненадат дека, повеќето конзервативци го знаат случајот/намештаљката за „наводната соработка со Русите“ од А до Ш и назад. Во тоа време (2016-2018) се  создаде цел еко-систем за да се обезбеди комплетно и целосно известување и под лупа беше ставан и анализиран секој нов настан, при што конзервативците ги следеа случувањата до најситен детаљ. Кога светот (преку сите американски и други западни мејнстрим медиуми) дозна за неславната средба меѓу претставниците на кампањата Трамп и руската адвокатка Наталија Веселницкаја, се чинеше дека тоа ќе биде голем проблем и многу приврзаници на Трамп го сфатија сериозно. Длабоко во себе, дури и оние конзервативци кои ја отфрлија можноста за отворена соработка со Русите, се загрижија дека можеби некој од неискусните членови на семејството на Трамп, или некој закоравен подржувач и член на неговиот изборен тим, можеби сторил нешто - што без оглед на вистинската правна тежина, ќе може успешно да се искористи за кон републиканецот Џон Мекејн да пребегнат и се приклучат нови републикански сенатори (сенаторот Џон Мекејн учествуваше во кампањата против Трамп).

Потоа, приврзаниците на Трамп дознаа дека Веселницкаја работи за Фјужн ГПС (Fussion GPS), фирма за односи со јавноста и политички истражувања, ангажирана од изборниот тим на Хилари Клинтон за да ги формулира и прошири во јавноста преку медиумите обвиненијата против Трамп за соработка со Русите. Приврзаниците на Трамп дознаа и дека информациите против Хилари Клинтон, кои требаше да бидат споделени на озлогласената средба (помеѓу тимот на Трамп и Веселницкаја), на Веселницкаја ѝ беа дадени од истата фирма Fusion GPS која тимот на Хилари Клинтон ја имаше ангажирано. Тие дознаа дека Веселницкаја вечерала со Глен Симпсон, сопственикот на Fusion GPS, ден пред и ден по состанокот со тимот на Трамп. Непотребно е да се каже дека приврзаниците на Трамп беа скептични во врска со изјавата на Глен Симпсон дека тој на средбите со Веселницкаја воопшто не разговарал за нејзиниот состанок со тимот на Трамп, со оглед на тоа што наводно темата на тој состанок имала елементи на предавничко однесување, кое подлежи на импичмент, а за што неговата фирма беше платена да го истражува и комуницира со медиумите.

Но нема потреба да се отвораат и повторно да се доживуваат сите детали поврзани со намештаљката за наводната соработка со Русите. Поентата на сето ова е дека конзервативците ги следеа сите настани многу внимателно, во реално време – од минута во минута, и многу брзо сфатија дека нешто не штима. Откако Џејмс Коми (директорот на ФБИ до 2017) на новинарот Брет Бајер од „Фокс њуз“ во април 2018 му тврдеше дека не знаел кој го финансирал досието подготвено од Кристофер Стил, конзервативците забележаа дека во извештајот од декември 2019 година на Генералниот Инспекторат при Министерството за правда, јасно беше напишано дека Џејм Коми знаел за потеклото на досието уште во октомври 2016. И тие со право се прашуваа: Зошто директорот на ФБИ би лажел? Во судовите кога ќе се утврди дека осомничениот лажел дека (не)знае или дека (не)бил инволвиран во потенцијално криминално дејание, тоа може да се смета како некаков доказ кој упатува на негова потенцијална вина.

Ова беше поентата кон која конзервативците се навраќаа во текот на двете години на хистерија и гракање „Русија, Русија, Русија!!!“. Зошто Коми би лажел за тоа дали знае од каде потекнува досието на Кристофер Стил? Зошто инволвираните лица би тврделе дека виделе докази кои никогаш не се материјализирале? Ако поентата на формирање Специјален Обвинител (Роберт Мулер) со посебна канцеларија е да се преземе истрагата од редовните истражители за да се избегне политичко влијание врз истата, зошто тогаш во тимот на Специјалниот Обвинител се вработуваат партиски кадри и истиот персонал од ФБИ кој го започна и беше одговорен за водење на случајот со Трамп? Зошто врската помеѓу руската адвокатка Наталија Веселницкаја и Fusion GPS беше беше веднаш отфрлена како неважена и незначајна? Зошто луѓето кои требаа и мораа да знаат подобро, продолжија да инсистираат на тоа дека досието Стил првично е финансирано од републиканци долго време откако ова тврдење беше побиено? Зошто медиумите молчеа и не ги поставуваа дури и овие најочигледни прашања? И, зошто новинарите си доделуваа награди за тоа што одбиваа да ги постават очигледните прашања, а брутално и злобно ги напаѓаа оние кои ги поставуваа овие прашања? Овие новинари кои се воздигнати на ниво на холивудски ѕвезди се интелигентни луѓе - барем така изгледаат кога ги гледате на телевизија. Дали е можно овие прашања едноставно да не им текнале и паднале на памет? Мало морген - тоа се чинеше малку веројатно.

Многу приврзаници на Трамп резонираа дека едноставно не е возможно да се води оваа кампања (против Трамп) без одреден степен на координација. Таа координација можеби не се одвиваше во некакви тајни простории исполнети со чад (иако и тоа не беше исклучено), туку беше координирана преку стимулирање на таквото непрофесионално однесување, вршењето притисоци  и изложувањето на нејасни но тврди закани, кои луѓето од естаблишментот (со слични професии и од слични социјални класи) многу добро знаеја да ги препознаат. Овие луѓе знаеја да се пожалат на тоа дека можат да ги „намирисаат подржувачите на Трамп“ (американската верзија на небањати) кога ќе влезат во супермаркетите на Волмарт (американска понапредна верзија на Стокомак/КАМ)

Ако имаше период кога приврзаниците на Трамп се плашеа од „специјалниот“ одред на Роберт Мулер, тоа време помина по изборите за Конгресот и Сенатот во 2018 година. Тогаш на конзервативците им стана јасно дека целиот случај е „издишан“, и се радуваа кога републиканските конгресмени како Џим Џордан и Дејвид Нунес  пред јавноста го рушеа митот за Роберт Милер (не треба да се заборави и конгресменот Треј Гауди, вклучително и неговото парламентарно испрашување на контраобавештаецот Питер Стрзок).

Случајот за можната соработка со Русите не беше користен само за да му се наштети на Трамп во јавните анкети и да му се одвлече вниманието од неговата политичка агенда. Се користеше и како отворена закана за сите луѓе кои сакаа да работат во администрацијата на Белата Куќа во времето на Трамп (вклучително и професионалците од кариера). Започнувањето со работа во администрацијата на Трамп значеше да се подложите на целосно испитување на вашиот живот од страна на на Си-Ен-Ен за да може да си ја пополнат програмата во етер со анти-Трамп содржини за уште неколку дена, без разлика дали тоа е оправдано или не. Голем дел од вработените во администрацијата си дадоа отказ затоа што беа банкротирани од трошоци за адвокати за истрага за која се знаеше дека е политичка операција. Министерството за правда, печат и јавна администрација користеше лаги за да уништат животи и активно да ја поткопаат избраната администрација во Белата Куќа уште од самиот почеток. Можеби најлошо од сè, дел од американската популација беа доведени до работ на лудило бидејќи две години им се збореше дека во американската политика се случува вистинска верзија на филмот „Манџуриски кандидат“. И тоа не од квази новинари како Алекс Џонс, туку од поранешни шефови на разузнавачки служби и актуелни политичари, чии изјави беа засилено презентирани преку медиумските организации кои беа спреми да го потрошат и последниот грам на кредибилитет кои го имаа акумулирано низ годините, зад лудилото на анти-Трамп кампањата.

Две години, приврзаниците на Трамп беа нарекувани предавници и руски ботови затоа што гласале за марионетата (Трамп)“ на Владимир Путин. Тие беа подложени на двегодишна манипулирачка кампања од страна на дел од политичарите, државните агенции и елитните мејнстрим медиуми. Беше потребна вистинска цврстина и јачина да се спротивстави на едногласниот потсмев и понижување кое доаѓаше од овие моќни институции. Но, тие институции ја прокоцкаа својата моќ и кредибилитет, и изгубија, поради што приврзаниците на Трамп очекуваа пресметка. Кога не дојде до пресметка – и кога на новинарите кои ја пишуваа вистината (Глен Гринвалд, Мат Таиби и други) не им беа дадени Пулицерови награди од Њујорк Тајмс за коректно известување и храбро застанување против цунамито на најголемата политичка приказна со години години - овие луѓе ги изгубија илузиите што ги имаа и негуваа за тоа како навистина функционира и се (зло)употребува моќта во нивната земја.

Подржувачите на Трамп знаат - мислам дека сите знаат - дека на Доналд Трамп ќе му беше потврдено обвинението во импичментот доколку Роберт Мулер можеше да докаже дека платил странски шпион да собере штетни информации за Хилари Клинтон од извори поврзани со руското разузнавање и да ги рашири тие информации во печатот. Многу од приврзаниците на Трамп воопшто не би се спротивставиле на таквото негово отстранување доколку се случеше тоа. Се разбира токму тоа го стори кампањата на Хилари Клинтон, но немаше никакви последици за тоа, а немаше и некои посебни критики.

Подржувачите на Трамп ги поминаа следните фази во периодот 2016 - 2018: од загриженост дека матењето со Русите може да биде реално; до сомневање дека можеби е лажно; до гледање на доказите од кои се гледа дека сето тоа е измама. Потоа, тие уште една година гледаа како секоја институција и владини агенции, печатот, конгресните комитети, и академијата се обидуваат да ги манипулираат. До ден денешен, другата половина од гласачите сè уште верува дека Трамп беше фатен на дело како врши предавство со Русија и избегна „бесилка“ само заради законската одредба пропишана од Министерството за правда со која се спречува покренување на обвиненија против актуелни претседатели. Она што предизвикува уште поголема горчина, е што конзервативците се сомневаат дека за неколку децении либералите ќе ја искористат својата контрола над медиумите и културата (вклучително и Холивуд) за да се осигураат дека буквално сите во иднина ќе веруваат дека Трамп бил предавник.

И токму ова е моментот, кога луѓето чии политички идентитет со децении во голема мера беше дефиниран како наивно верување во она што го научија на часовите по граѓански науки, почнаа да ги согледуваат контурите на Режимот кој што ги премина не само партиските, туку и сите институционални граници. Овие луѓе беа воспитувани и учени дека во Америка никогаш не може да постојат никакви „Режими“, но како поинаку да се нарече ова чудовиште кое излезе од сенките за да се обедини против нивниот несмасен претседател?

 - ВТОР ДЕЛ -

24 јули 2021 - 14:01