Не е Дилан ако не те разочара

Боб Дилан некогаш снимаше песни кои беа химни на општествените промени. Денес Боб Дилан снима реклами за Викторија Сикрет и Крајслер. Но, тие што го познаваат неговиот монументален опус знаат дека човекот барем во една работа се нема сменето: во тоа што обожава да ги разочарува фановите. 

Не мал гнев се истури по медиумите и социјалните мрежи откако Боб Дилан се појави на најгледаното рекламно време во годината, финалето на американскиот Супер Боул, во реклама за детроитскиот автомобилски гигант Крајслер.

И тоа каква реклама!

"Има ли нешто поамериканско од Америка?" прашува Дилан на почетокот на спотот кој отворено флертува со патриотските емоции на гледачот, за на крај да заврши со пораката:

"Германија нека ви го прави пивото. Швајцарија нека ви ги прави часовниците. Пуштете ја Азија да го склопува вашиот телефон. Ние ќе ја правиме вашата кола"

Паралелите се шкарт алатка ама можете ли да замислите наш музичар од калиброт на Дилан (кој го немаме), вака отворено да ни ја тинтра националната гордост (која ја имаме, понекогаш)?

Бидејќи не можеме, да останеме со Дилан. Значи, следеше лавина постови и твитови од разочарани фанови на кои не им се веруваше дека тоа е истиот човек кој на луѓето некогаш им ги отвораше чакрите за адвертајзинг знаците. Види: It's Alright, Ma (I'm Only Bleeding).

Но, Дилан отсекогаш бил таков. Некој што упорно им вика на луѓето да не го следат. Што ги убедува да не им биде идол. Некој што не сака да ја игра наметнатата ролја на водач на просветлените. И не му чуе кога ќе ги разочара.

Тоа го прави систематски, уште од неговото прво предавство, легендарниот момент кога ја замени акустичната со електрична гитара.

Дури и кога му повладуваат, спомнувајќи му ги неговите најмоќни стихови, Дилан одбива од тоа да прави драма па или избегнува одговори или е едноставно лош:

"Немам ништо да кажам за работите кои ги пишувам. Само ги пишувам. И не ни мора ништо да кажам. Не ги пишувам да ви упатам заради некоја причина, немам некоја порака до вас."

 

 

 

4 февруари 2014 - 13:17