Источна Азија се соочува со досега невиден пораст на кратковидост. До пред 60 години во Кина кратковиди биле 10-20 проценти од популацијата. Денес такви се 90 проценти од тинејџерите и младите. Сеул е најлош: фрапантни 96,5 проценти од сите 19 годишници имаат миопија.
Не толку драматично но и во остатокот од светот има пораст на состојбата која се состои од тоа што фокусот на светлината паѓа нешто пред ретината наместо на неа. Се проценува дека една третина од светската популација го има овој проблем кој главно успешно се регулира со очила или контактни леќи.
Со децении науката ја сметаше миопијата првенствено за наследна болест. Гените играат улога но дека тие не се цела приказна прво било докажано на примерот на Инуитите кај кои кратковидоста зачестила откако го промениле начинот на живот.
Околу причините за кратковидоста има една упорна теорија - "од учење е" (со познатите варијации: од телевизорот, од компјутерот). Нејзин татко е германскиот астроном Кеплер кој уште пред 400 години тврдеше дека бавењето со наука му го има расипано видот. Приказната "се фати" и оттогаш е често колоквијално објаснување со препораки децата да не читаат преблиску и слично.
Иако повеќе е народна дијагноза, во еден дел таа ги содржи најновите сознија за проблемот кои утврдиле корелација меѓу болеста и недоволната изложеност на дневна светлина. А седењето во затворена просторија некои деца го користат и за - учење. Особено во источна Азија каде се под притисок за успех во училиштето па учејќи домашно минуваат 16 часа неделно, наспроти 5 односно 6 часа колку што е просекот на британските и американските деца. А дали ќе читаат од книга или од екран, за окото е сеедно.
На науката засега ѝ недостасува објаснување на механизмот како дневната светлина ја превенира миопијата. Главната хипотеза е дека таа го стимулира испуштањето допамин во ретината што има заштитна функција за окото за време на растот. За волја на вистината, битната улога на допаминот во правилниот раст на окото досега е докажана само на кокошки.