ДЕЛ ВТОРИ: ЕСТАБЛИШМЕНТОТ СЕ ОБЕДИНИ
Како резултат на востановената политичка маркетинг стратегија на републиканската партија кон сопственото гласачко тело, многу конзервативци сè уште сметаат дека политичкиот систем во САД е бинарен (Републиканци VS Демократи). Дури и политичкото етикетирање на дел од сопартијците кои не ги бранат партиските ставови со пежоративниот термин РИНО (RINO – Republican In Name Only; се изговара Rhino што значи носорог), повеќе ѝ служи на републиканската партија да имплицира дека демократите претставуваат опозиција со која нема помирување, а со тоа сакаат да го засилат впечатокот дека политичкиот систем во САД е исклучиво двопартиски. Но, на многумина приврзаници на Трамп им е јасно дека „Режимот“ односно естаблишментот кој владее со Америка воопшто не е тврдо поделен по партиска линија. На гласачите на Трамп им е јасно дека истите институции кои се сега толку гласни против Трамп, ќе беа исто толку против Тулси Габард (демократ и ветеран од армијата на САД која во 2020 учествуваше на партискиот избор на кандидат за претседател и отворено се залага против воените интервенции на Америка низ светот), доколку таа беше претседателски кандидат против Џеб Буш (брат на Џорџ Буш кој во 2016 изгуби од Трамп на партискиот избор на кандидат за претседател).
Тешко е да им се објасни на луѓето од американската левица (кои се навикнати да кажуваат дека американската влада е еден вид на заговор на естаблишментот и се пораснати читајќи за скандалите Вотергејт, COINTELPRO и за оружјето за масовно уништување во Ирак), колку шокантно и разочарувачки беше синхронизираното делување против Трамп, за луѓето од американската десница кои не толку одамна ги храбреа своите синови и ќерки да се борат за Америка кога Џорџ Буш му објави војна на Ирак.
Тие можеби можеа да се справат со шокот ако во прашање беше само однесувањето на владата и институциите. Но, однесувањето на печатот и медиумите е она што навистина ги радикализира. Подржувачите на Трамп имаат повеќе презир кон новинарите отколку кон кој било политичар или владин функционер, бидејќи од новинарите се чувствуваат најмногу изневерени. Идејата дека корпоративниот печат е воден само од грижата за рејтинзи и сензационализам падна во вода во последните неколку години. Ако тоа беше навистина така, ќе имаше новинарски микрофон пред лицето на секој претставник на извршната власт со прашање што мислат за изјавата на поранешниот министер за труд кога изјави дека Џефри Епстајн им „припаѓа на разузнавачките служби“. Корпоративниот печат всушност е пропагандната рака на Режимот, чија силуета овие луѓе сега јасно ја гледаат. Кој што сака нека каже, но тој факт никогаш нема да се избрише од нивната меморија. И точка!
Сето ова можеби делува длабоко збунувачки и дезориентирачки. Да повторам, не зборуваме за луѓе кои пред 2016 година беа читатели на Гелн Гринвалд, па ниту за либертаријанците кои го подржуваат сенаторот Рон Пол, а кои одамна испија половина шишенце црвени пилули (од оние кои во филмот Матрикс на Нео му ги нуди Морфиус доколку сака да ја дознае вистината). Зборувам за луѓе кои своевремено го нападнаа Едвард Сноуден дека е „предавник на својата земја“ и кои дури сега почнаа да гледаат дека можеби згрешиле. А причината не е заради промената на партијата на власт или заради тоа што се огорчени од поразот. Причината е затоа што тие едноставно не знаеја за поинаку. Ако која било земја треба функционира и постои долгрочно, не може сите граѓани да бидат револуционери. За да функционира едно општество, повеќето граѓани треба да веруваат во она што официјално им се кажува и да го прифатат наративот на сопствената влада во поголемиот дел од времето. Е ова се тие луѓе - луѓето за кои пишувам во овој текст. Јас сум прилично конзервативен по темперамент, но повеќето од моите политички пријатели се левичари. Поголем дел од разговорите со пријателите ги поминувам едноставно обидувајќи се да ги убедам дека овие луѓе не се демони и дека во овој политички момент од историјата на САД содржи доста можности.
Многу приврзаници на Трамп не знаат со сигурност дали гласачките ливчиња беа фалсификувани на изборите во ноември 2020 година, но кристално им е јасно дека печатот, ФБИ, па дури и судовите ќе излажат доколку такво нешто навистина се случило. Тие имаат доволно причини да веруваат во тоа, и најверојатно се во право. Тие четири години гледаа како новинарите од корпоративниот печат и медиумите се однесува како животни. Десетици милиони луѓе засекогаш ќе гледаат на врховниот судија Брет Кавано како на силувач, а сетоа тоа засновано на недокажано обвинение пренесувано без престан од Си-Ен-Ен. А во Си-Ен-Ен се чини дека се горди на тоа. Тие го предводеа и медиумското линчување против средношколецот Ник Сандмен. И најотворено навиваа за најсмртоносните и најразорните немири во Америка во последните неколку децении.
Конзервативците отсекогаш се жалеле дека медиумите имаат пристрасност кон либералите. Добро во ред, нејсе, како и да е; но сепак конзервативците мислеа дека печатот и медиумите ќе ја признаат (и пренесат) вистината кога ќе бидат соочени со неа и се најдат притиснати во ќош. Но дигнаа раце, веќе не веруваат и во тоа. Она на што тие беа сведоци во последниве четири пет години години им покажа дека корпоративниот печат ќе каже било што, ќе стори сé, за да се постигне одредена политичка цел или едноставно за да се уништи некој кој што го доживуваат како противник. Бидејќи мојата лежерна Твитер нишка заврши во устите на Такер Карлсон и Доналд Трамп, добив стотици пораки од луѓе кои што ми рекоа дека треба да се подготвам да бидам мета и таргетиран. Некои не мислат така, но сепак повеќето од нив велат дека потенцијалните закани не се нешто што треба да се занемари. Видовме како една повозрасна женичка од Флорида доби физички закани, откако новинар на Си-Ен-Ен ѝ пријде пред нејзиниот дом и ја обвини за помагање на дезинформациите на Кремљ. Видовме како се закануваат дека јавно ќе објават лични податоци од луѓето кои направија едни од најпопуларните и хумористични мемиња.
Во текот на целата 2020 година, корпоративниот печат ги користеше сите медиумски платформи за изнаоѓање и пласирање на изговори и охрабрување на политичкото насилство во Америка. Магазинот „Тајм“ отворено ни кажа дека за време на немирите во САД во 2020 година секоја недела имало интернет конференциски состаноци помеѓу водачите кои ги организирале протестите, локалните власти кои биле задолжени за јавниот ред и мир, и припадниците на медиумите задолжени за известување од овие настани. Тие работеа заедно со технолошките гиганти од Силициумската долина за да ги контролираат медиумските пораки како да се претстави кризата, за да се максимизира политичкиот ефект. Во случај на победа на Трамп во 2020, истата организација имаше подготвено демонстранти во 400 градови во Америка да бидат активирани со СМС пораки следниот ден по изборите. Секој град со над 50.000 жители ќе беше зафатен со некакви претходно планирани и централно координирани протести. Ние Американците ваквите настани во други земји ги нарекуваме „шарени револуции“.
Во текот на летото 2020, гувернери на неколку американски држави ја искористија КОВИД пандемијата за да ги сменат процедурите за гласање, честопати игнорирајќи ги забелешките од парламентите во овие држави. Проблемот не беше само заради масовното праќање на гласачки ливчиња преку пошта (претходно гласачки ливчиња се испраќаа само по претходно доставено барање од гласачот и тоа само во одредени ситуации): гувернерите исто така ги намалија стандардите за проверка на совпаѓањето на потписите на пликоата во кои беа враќани заокружените гласачки ливчиња, потоа ги елиминираа постојните изборни пропусници за идентификација и документи кои претходно се бараше да бидат заверени на нотар, како и бројни други измени кои беа направени во последен момент. Многу луѓе што го читаат текстов можеби ќе кажат дека овие промени беа неопходни, дали за да се спречи ширењето на вирусот или за да се спречи потенцијалното сузбивање на гласачите. Јас нема да ги спорам тие аргументи, но факт е дека Уставот на САД јасно кажува дека „времето, местата и начинот на одржување на изборите ... ќе бидат пропишани во секоја држава од нејзиниот законодавен дом односно Парламент“. За републиканските гласачи беше очигледно дека, гувернерите ја искористија COVID пандемијата за неуставно да ги узурпираат и злоупотребат овластувањата добиени од законодавните домови за еднострано менување на процедурите за гласање само неколку месеци пред изборите со цел да му помогнат на Бајден да го надополни огромниот јаз и недостаток на ентузијазам кај демократските споредено со републиканските гласачи. И сето тоа се изведе преку „играње“ со системот за гласање преку пошта. Правниците може да расправаат околу легитимноста на процедуралните модификации; поентата е дека конзервативците веруваат во својот инстинкт - и мислам дека веројатно се во право - дека работите ќе се третираа поинаку, и во медиумите и во судовите, доколку ситуацијата беше обратна односно ако партиите си ги заменеа местата.
И тогаш дојде скандалот со лаптопот на Хантер, синот на Бајден. Либералите го отфрлија инцидентот и иако четири години беа опседнати со активностите на децата на Трамп, тие овој пат инсистираа дека не е културно и е „испод“ чест да ги интересира однесувањето на членовите на семејството на претседателскиот кандидат. Но, поентата не е во ваквата дволичност. Поентата е дека (за прикривање на скандалот со лаптопот) големите технолошки гиганти (Фејсбук, Твитер и др.) спроведоа координирана кампања на цензура против голем американски весник со 200 годишна историја (Њујорк Пост), додека остатокот од медиумите ширеа пропаганда за заштита на едниот политички кандидат. И уште еднаш, кампањата против Трамп ги надмина институционалните граници, бидејќи десетина видни поранешни службеници на разузнавачките служби го користеа својот кредибилитет за да го пласираат неоснованото и сега дискредитирано тврдење дека лаптопот бил дел од руската кампања за ширење дезинформации. Таа лага беше промовирана од големите технолошки компании, додека вистинските информации што ги објави Њујорк Пост за содржината на лаптопот беа потиснати од алгоритамите. Тоа е она што навистина се случи.
Дури и самите технолошки компании сега признаваат дека тоа беше „погрешно“ - извршниот директор на Твитер, Џек Дорси рече дека тоа беше грешка и се извини - но сега изборите се завршени, а Џо Бајден го назначи извршниот директор на Фејсбук одговорен за владини регулативи како за арбитар за етика во неговата администрација, така да што има врска, нели? Навистина не е потребно да се каже дека доколку Њујорк Тајмс поседуваше лаптоп од синот на Трамп, полн со слики на кои пуши крек и учествува во групен секс, многу преписки од кои може да се согледа мрачната семејна драма во семејството и електронска пошта со прилично директни дискусии за политичка корупција, тогаш сигурно Твитер и Фејсбук немаше да ги суспендираат акаунтите на Њујорк Тајмс додека известуваат за овие пикантерии. Да се потсетиме само на приказните кои се пишуваа за Трамп за тоа како руски проститутки мокреле врз него и како Путин го уценувал со тоа, и како оваа приказна беше промовирана како факт низ мејнстрим медиумите и беше користена како основа за започнување на криминална истрага, а единствениот доказ за тоа беше документ платен од опозицијата при што примарниот извор на оваа информација во меѓувреме се дистанцираше од веродостојноста на истата.
Реакцијата на приврзаниците на Трамп на сето ова не беше „е ова не е фер!“ Така се чувствуваа во 2012 во врска со наводното постоење на „класери за жени“ од страна на сенаторот Мит Ромни кој тогаш беше претседателски кандидат против Барак Обама или лагата на Хари Рид дека Мит Ромни не плаќал федерални даноци. Ова сега е различно. Сега, тие точно почнаа да увидуваат дека институциите на нивната земја - сите - беа заробени од луѓе кои беа подготвени да користат какви било средства за да ги исклучат од политичкиот процес. А сепак тие се појавија во рекорден број за да гласаат. Трамп во 2020 доби 13 милиони гласови повеќе отколку во 2016 година - 10 милиони повеќе отколку што имаше добиено Хилари Клинтон.
Како што изборниот ден (3 ноември 2020) премина во ноќ и се уште се прибираа резултатите, приврзаниците на Трамп си дозволија малку надеж. Но, кога на полноќ за четирите преломни држави (swing states) настана мрак околу изборните податоци (и тоа само во тие држави), тие знаеја.
Во текот на следните неколку недели, тие беа растргнати помеѓу искрените критичари, онлајн измамниците и медиумските измамници кои им продаваа теории на заговор. Тие се прилепуваа прво кон едни а потоа кон други егзотични теории, сакајќи да најдат конкретно име на нешто многу реално, на кое денот на изборите беше само финална кулминација. Корпоративните медиуми и технолошките гиганти направија сè што можеа за да ги влошат работите. Сè во врска со изборите се беше чудно, збунувачки и без преседан - промените во процедурите, дотогаш невиденото гласање преку пошта исто така беше без преседан, постојаното одложување на броењето на гласовите и објавување на изборните резултати, итн - но наместо да го признаат тоа и да изнесат сè на отворено (преку нивните платформи – Твитер, Фејсбук, итн.), тие ја забранија секоја дискусија за тоа (дури и во приватните ДМ пораки!!!), и започнаа апсурдна пропагандна кампања кажувајќи ни дека – и јас ова не го измислувам – дека изборите во 2020 се најнапредните и најсигурни избори во американската историја.
Конзервативците знаат – да кажам повторно, мислам дека веројатно сите знаат - дека исто како што лаптопот на синот на Трамп ќе беше приказна на столетието, ако сè спорно во врска со изборните беше исто, освен партиите да беа во обратна позиција, сомнежите за исходот на изборите ќе беа сфатени многу сериозно. Погледнете ги изборите во 2016 година како пример.
Дури и судството го загуби својот кредибилитет кај овие гласачи поради прифаќањето и неказнувањето на политичкото насилство инспирирано од опозицијата. Поддржувачите на Трамп со добра причина велат: Кој судија ќе го истегне вратот за Трамп, знаејќи дека во следниот момент ќе биде уништен од медиумите, а насилна толпа ќе му дојде пред врата да му ја палат? Можеби повеќето судии би си ја вршеле својата работа како што треба, но со оглед на настаните од последните четири години, нивната грижа за лична безбедност и имиџ не е неразумна, а самото постоење на грижа и страв кај судиите, се доволни за да го доведат во прашање интеггритетот на целиот систем. Повторно, знаеме, благодарение на „Магазинот Тајм“, дека беа планирани немири во градовите низ целата земја, доколку Трамп победеше. Секако, тие беа најавени како обични „протести“, но бидејќи беа планирани од истите луѓе кои во текот на летото направија р’шум, секој знае и може да претпостави што на терен ќе значеа овие нови протести. Стопанската комора на САД сериозно ја сфати заканата од втор бран на насилство и уништување на имотот на своите членки, така да се реши да понуди помош на „добро финансираната кабала на моќни луѓе, од различни бизнис сектори и со различни идеологии, работејќи во позадина за да влијаат на перцепциите на луѓето, притоа менувајќи ги правилата и законите, насочувајќи го медиумскиот наратив и контролирајќи го протокот на информации “- ова се зборовите на Магазинот Тајм, а не мои.
Гласачите на Трамп беа категорични дека промените што гувернерите ги направија во изборните процедури се неуставни. Точно е дека сè што се пишува во законите може да е отворено за толкување и дебата, но не е потребна диплома по правниот факуlтет на Харвард за да се прочита и разбере Членот 1, Став 4 од Уставот (цитиран погоре) за да се дојде до тој заклучок. Но, тие исто така знаеја дека спорните ситуации од изборите нема да се најдат во судница се до завршувањето на изборите, а кој судија по изборите ќе реши да донесе одлука што ќе смета како „судски државен удар“ само затоа што таму некои гувернери не работеле согласно законските процедури? Дури и некој судија да биде подготвен да го прифати личниот ризик, тој исто така ќе мора да биде подготвен и за евентуалниот хаос што би следел во земјата од една таква одлука. Дури и најдобронамерен судија може да се убеди себеси дека, што и да се случило или не се случило за време на изборите, тој како јавен службеник нема право да наметнува мислење кое со гаранција ќе доведе до масовни насилства - бидејќи заканата од насилства не беше имплицирана, туку беше директна. Некои приврзаници на Трамп, за жал, сметаа дека лиценцата и дозволата за политичко насилство се однесува на сите; стотиците од нив кои сега се наоѓаат во федералните затвори на потежок начин научија дека тоа не е вистина.
Од гледна точка на приврзаниците на Трамп, бирократија која беше вкопана во своите ровови и безбедносните служби на државата сакаа да го соборат нивниот популистички претседател уште од првиот ден кога се појави како кандидат и подоцна кога стана претседател. Воспоставената пракса и ограничувања кои се однесуваа на медимите а со кои се одржуваше нивото на медиумско известување, беа урнати затоа што медиумите станаа дел од операцијата за рушење на Трамп. Изборните правила беа променети на неуставен начин, нешто што можеше да се оспори само откако ќе се стори делото (откако ќе завршеа изборите и победникот е прогласен), по што судиите и службениците ќе требаше да си играат мачка и глушец и да решаваат под директна закана дека ќе горат градови. Де факто на терен политичкото насилство беше легитимизирано и охрабрено. Големите весници и актуелни претседатели биваа забранети на социјални мрежи, додека на опозицијата ѝ беше дозволено да промовира лажни вести, кои може да бидат дискредитирани кога веќе беше предоцна, а штетата направена. Конзервативците ги сумираа овие работи и заклучија дека, што и да се случи на 3 ноември 2020 година, тоа не беа слободни и фер демократски избори по бил која дефиниција која важеше во времето пред да се појави Трамп.
Поддржувачите на Трамп не знаеја дека ќе бидат вовлечени во ваков виор. Но, тие се апсолутно во право дека институциите и центрите за моќ на Америка се монополизирани од Режим кој верува дека му е под чест да ги застапува и нема да почитува никакви ограничувања за да ги спречи да изберат свој народен претставник. Ги охрабрувам луѓето од американската левица да ја препознаат можноста која се нуди еднаш во животот. Нема да се согласувате со конзервативците за сè. Но, ако во 2004 година ви кажев дека мнозинството од гласачите во Републиканската паритија наскоро ќе ја согледаат лудоста на војната со Ирак, дека ќе станат скептични во врска со масовното електронско следење од страна на државата и ќе ја согледаат потребата да се преземе нешто за да им се помогне на сиромашните и работничката класа, вие тогаш ќе ми одговоревте дека „...такво нешто ќе ја трансформира земјата“. Искористете ја оваа можност. Овие луѓе не се демони и се спремни да ве сослушаат на начин на кој што одамна не биле подготвени да ве слушаат.
Дарил Купер е домаќин на The MartyrMade Podcast, ко-домаќин на The Unraveling w / Jocko Willink, и автор на фамозната нишка на Твитер која ги разбранува штатите.
*извор: Author of the Mega-Viral Thread on MAGA Voters, Darryl Cooper, Explains His Thinking
ПРВИОТ ДЕЛ - ОВДЕ