педагошка песна

Пријателскиот совет на Буковски

Искуството вели - дури и оние кои кон вас покажуваат извесна наклоност можат да бидат прилично цинични кога се работи за вашата навика да пишувате поезија. „Не мора баш за сè да има песна" и „од книгата ти вредат само цртежите" се нивните коментари. А кога би ви дале и совети, тие сигурно би биле слични со овие на Бук.

Она што тие не го знаат е дека дури и оние кои се изразуваат во стихови не се секогаш воодушевени од сопствената поетска потреба, и дека многу порадо би ја замениле за некој друг, невербален талент. Особено ако околу нив има и такви кои сосема самоуверено се нарекуваат „поети", како да е тоа некоја посебна професија.

Токму на таквите е посветена оваа песна на Буковски, која според едно негово интервју треба да има педагошка функција:

„Вашата песна Пријателски совет до голем број млади мажи вели дека е подобро да се живее во буре отколку да се пишува поезија. Дали би го дале истиот совет и денес?

Мислам дека она што сакав да го кажам е дека е подобро да не правиш ништо, отколку да правиш нешто неквалитетно. Но проблемот е што лошите писатели најчесто имаат самодоверба, додека добрите се сомневаат во самите себеси. Така, лошите писатели продолжуваат да пишуваат ѓубре и прават колку што е можно повеќе читања за малубројна публика. Оваа малубројна публика се состои главно од други лоши писатели кои го чекаат својот ред, да станат и да се испразнат во следниот час, следната недела, следниот месец, следното некогаш. Чувството на овие читања е убиствено, ослободено од воздух, безживотно. Кога овие пропаднати души ќе се соберат заедно во обид за самочествување, тоа води само кон подлабока и потрајна пропаст. Толпата е место за собирање на најслабите - вистинската креација е осаменички чин."

ПРИЈАТЕЛСКИ СОВЕТ ДО ГОЛЕМ БРОЈ МЛАДИ МАЖИ

Одете на Тибет
јавајте камила
читајте ја библијата.
Офарбајте си ги чевлите сино.
Пуштете брада.
Обиколете го светот во хартиено кану.
Претплатете се на Saturday Evening Post
Џвакајте само на левата страна на устата.
Оженете се со жена со една нога и бричете се со асли брич.
И врежете ѝ го вашето име на раката.

Четкајте си ги забите со бензин.
Спијте цел ден а качувајте се на дрвја ноќе.
Бидете монах и пијте 'бакшот" со пиво
Држете си ја главата под вода и свирете виолина.
Изведете стомачен танц пред розови свеќи.
Убијте си го кучето.
Кандидирајте се за градоначалник.
Живејте во буре.
Скршете си ја главата со секира.
Засадете лалиња на дожд.

Но немојте да пишувате поезија.

* иако Бук пишува за мажите-поети не гледаме зошто истово не би важело и за поетесите, од она со Тибет, преку брадата, па до кандидатурата за градоначалник

13 август 2013 - 10:00