Пред да тргне во офанзива на ирачкиот град Мосул во јуни минатата година, ИСИС пушти во јавност неколку ужасни видео клипови со ѕверски погубени ирачки војници. Тактиката тогаш се покажа успешна бидејќи ирачката војска очигледно се исплаши па кога беше нападната околу Мосул, реши да бега иако беа бројно надмоќни во однос на напаѓачите од ИСИС.
Ал Багдади веројатно се надеваше дека истиот трик ќе успее уште еднаш, темпирајќи го пуштањето на последното видео со посетата на јорданскиот крал на САД, како доказ на вазалскиот однос на кралството кон неверничката империја.
Но, некаде се утна сметката. Запалениот пилот беше припадник на угледно сунитско племе од Јордан и предизвика вистински бес во тамошната јавност. Пред егзекуцијата, кралот имаше млака поддршка, после неа, особено кога реши и лично да учествува во нападите, сунитскиот Јордан е сосема позади него а поддршката за него се прелеа и во Аман.
Во меѓувреме, изолацијата на ИСИС ја помагаат влијателните муслимански клерици кои едногласно застанаа против практиките на оваа група која сака да се претстави како вистинската Ал Каеда. Меѓу нив е и угледниот Абу Мохамед ал Магдези, духовен татко на многумина милитанти од Ал Каеда кој изјави дека палењето муслиман не е прифатливо за ниедна религија.
Западни аналитичари проценуваат дека со последното видео дополнително ќе се охрабрат само најтврдокорните следбеници на ИСИС меѓутоа дека тоа во голема мерка ја намалува нивната регрутна база.