Некогаш популарната теорија за Неандерталците како безумни и брутални цепаници одамна е побиена. На многу начини Неандерталците биле слични на луѓето, во некои погледи дури и супериорни. Денес на антрополозите им е јасно како тие и ние сме знаеле да се измешаме и како тоа оставило трага во нашиот денешен ДНК.
Две нови и одвоени студии покажуваат колкав е тој дел и како влијае врз нашите перформасни и однесување.
„Во студијата покажуваме како неандерталското ДНК влијае врз нијансата на нашата кожа, бојата на косата и очите, преференците за спиење, расположението и склоноста кон некои навики како што е пушењето“, се вели во едната студија чие ограничување е што се темели на сериозен примерок од 100.000 луѓе но само од британската Биобанка, што значи дека нивните наоди важат само за луѓето од островот.
Според оваа студија, неандерталските гени играат улога и во тоа кој колку брзо гори на сонце и во тоа дали е ранобудник или е ноќна птица.
Во другата студија се утврдува дека луѓето од Азија имаат нешто повеќе ваков генетски материјал (меѓу 2.3% и 2.6%) од оние во западна Евроазија (1.8–2.4 проценти).
Авторите на обете студии потсетуваат дека генетските механизми се комплексни и дека не постои посебен ген кој е пресуден за ова или она. И дека неандерталските гени се нормален дел од човечкиот фенотип.
Притоа порачуваат дека овој малцински пакет гени не значи ништо лошо по автоматизам. На пример, врз основа на истражувањето на 52.000 години старата Неандерталка најдена во хрватската пештера Виндија, утврдено е дека нејзиниот генетски мираз ни носи заштитна функција за нивото на лошиот холестерол.