Писма на читатели:

За сечие право на збор, така?

Оф топик, на паролота "Никола, силази доле нисам ти ја мајка" во филмот и претходи "Никола, имаш још једног скота доле"

Здраво Трендо,

Прво и основно, не сум партиски определен и не ни живеам во Македонија веќе подолго време. На последните неколку избори не ни гласав, затоа што не се сметам за доволно упатен да им ја одредувам власта на луѓето коишто се уште живеат во Македонија, а и искрено не сметам дека има политичка опција којашто го заслужила мојот глас. Колку што Заев не е Че Гевара, толку ни Груевски не е Меркел. Ни едниот ни другиот не се ни Ганди, ни Мандела ни Френк Андервуд. Веќе имам и друго државјантство, но сè уште ме засега тоа што се случува во Македонија. Таму ми живее поголемиот дел од семејството. Затоа поприлично ме потресува ова што се случува со последниве недела-две. Не знам за другиве Македонци што живеат во Македонија или на други места по светов, ама јас сум тотално збунет од се што се случува. Најмногу поради тоа што е навистина тешко да се дојде до вистински неутрални информации: Медиумите се или тотално про или тотално контра моменталната власт, исто така и моите пријатели по социјалните медиуми. И ич не сакам кога ќе нè видам на странски вести, обично не е за добро и најчесто не ја пренесуваат целата приказна. Затоа и досега се воздржував од било какви коментари. Ама, ај сега да споделам неколку најдобронамерни совети и мисли до мојот народ од мои себични причини: не сакам да мислам дека безбедноста на моето семејство е загрозена.

Најважно од се, добро размислете за кого и дали да излезете на улица, од чија страна и да сте. Размислете кои идеи ги поддржувате со тоа што сте таму. Добро се сеќавам на некои протести во 90-тите кога ние како средношколци/студенти протестиравме да не им се дозволи Високо образование на Албанците на мајчин јазик (најмогу од страв од не-квалитетот на тоа образование, ама и од националистички побуди, а да споменам и бегање од часови). Лидерите на тие протести неколку години подоцна самите ги поддржаа универзитетите на албански. Ова колку да илустрирам како времето и емоциите на многу луѓе можат да бидат за цел што е без врска. И ден денес има многу универзитети во Македонија што нудат субстандардно образование, и на македонски и на албански. Не бил проблемот во јазикот...

Ова ме води до против владините протести. Најпрво убавите работи: голем број на луѓе (20,000-120,000 во зависност од изворот), мирни протести, луѓе од повеќе националности, духовити пароли, интересни фотки (особено од дамите). Разбирам и зошто многу од луѓето сакаат да ја сменат оваа власт. Одличен пример за мирен израз на незадоволство од начинот на владеење на моменталнава власт.

Неколку работи што може да се поправат, бидејќи не доликуваат на демократските идеали кои велите дека ги браните: баталете се од транспарентите од типот "ако не сте со нас, тогаш сте за оваа власт (против нас)". Видов парола "Неутралноста е пакт со злото". Не е и не смее да биде! Неутралноста е мислење како и кое било друго и како таква е демократско право на секој човек. Некои од луѓево не излегле да бранат демократија, едноставно излегле да ја сменат оваа власт, па на кој било начин. Оф топик, на паролота "Никола, силази доле нисам ти ја мајка" во филмот и претходи "Никола, имаш још једног скота доле". Потоа, демострантите одбиваат да се поместат и да им остават простор на оние од спротивниот табор да го изразат своето мислење. Притоа, ги навредуваат дека се овци и слично... Многу демократски, ако имаш друго мислење освен ова нашево најдемократско на свет, не го изразувај! Сега гледам огради поставени да се раздвојат двете страни за да се избегне поголем инцидент, но на некои луѓе и тоа им пречи. Ги споредуваат со кафези каде животните (овците) од другиот табор ќе бидат затворени. Па зар е подобро да нема никаква тампон зона да спречи конфликт меѓу луѓето? Ако ги споите бројките од двете групи, таму ќе има огромна маса луѓе и многу лесно може да се случат инциденти кои што може да ескалираат и во поголем проблем, а тука и безебдноста на моето семејство е засегната. Според мене, тој потег на оваа власт (легитимна или не) е позитивен.

Исто така, ужасно ми пречи што демострантите претендираат дека само тие ја претставуваат интелигенцијата на Македонија, притоа убедувајќи ја јавноста дека од другата страна се неписмени идиоти. Дури и да е така, а искрено не верувам во тоа, во демократија сечиј глас се брои еднакво. Понатаму, меѓу демострантите од албанскиот етникум, видов и некои луѓе со знамиња на т.н. "Голема Албанија". Тие да не се збуниле малку во што е целта на протестов? Разбирам дека се таквите Албанци се малцинство, но од такво малцинство произлегоа оние што пукаа во Куманово. Секоја чест на Исамедин Османи и моето длабоко сочувство до неговото семејство и до семејствата на сите загинати полицајци. За жал, и мнозинството од албанскиот етнос, својата лојалност кон соживотот во Македонија ја брани носејќи знаме на друга држава. Тоа, според мене не влева доверба во повеќето Македонци. Не гледам проблем Албанците во Македонија да имаат свое знаме, притоа комбинирајќи ги симболите на двете држави: Орелот врз сонцето, ионака двете се на црвена позадина, па кој како сака нека го толкува- Албански симбол врз македонското знаме или македонски симбол врз албанското. Довербата се гради од две страни. На овој начин, можат да ни покажат дека се идентификуваат со оваа држава, а притоа да го задржат својот идентитет. Слично како Агим Ибраими, во моментов мојот омилен македонски фудбалер. Никогаш нема да го заборавам моментот кога даде гол, и се стрча кон јужна бакнувајќи го дресот со државниот грб. Херој! Така им се затвораат устите на сите оние кои "шиптарите ги праќаа во гасна комора".

Понатаму, за мене овој митинг ќе имаше поголема тежина доколку таму НЕ присуствуваа претставници од опозицијата кои се однсуваат како лидери на протестите. Не верувам дека толку луѓе излегле да ги поддржат нив. Исто така, што бараа таму претставниците на странските амабасади и разно-разни ЕУ органи? Па, замислете некаде во ЕУ македонски амбасадор да излезе да уличен протест за да ја смени власта... Според опозицијата/демонстрантите (некогаш е тешко да ги разликуваш), тие биле вистинските пријатели на Македонија. Луѓе мои, во политика и бизнис нема пријатели, има само интереси. Истото важи и за Русија, која во моментов има некој свој интерес да ја поддржува владата. Истото важи и за мене, во мој интерес е да нема инциденти за моето семејство, моите пријатели и нивните семејства да не се загрозени. Да се разбереме, многу ми е жал заради беспотребната загуба на Мартин Нешковски, ама исто толку ми беше жал и за загубата на Министерот Стојковски и неговото семејство и Воислав Павлов, возачот чие семејство лично го знам кои беа убиени од небрежноста на некојси норвешки војник кој возел на автопат во обратна насока. И за Владо Чепујноски што беше прегазен кај Струга од некаков си богаташ кој учествувал во трка. И двајцата беа добро заштитени од нивните власти, дури норвешкиот војник по 6 месеци беше пуштен на слобода. Никој не протестираше тогаш за правдина за нив, ниедна НВО, ниеден ЕУ амбасадор не излезе на улица. Како што реков, во политиката има интереси, а не пријатели.

Што да кажам и за про-владиниот протест денес? И тој ќе имаше поголем кредибилитет, доколку беше спонтан, а не организиран од самата власт. Но, колку што протестот вчера беше демократско право на тие што протестираа, толку е и овој денес. Затоа не се согласувам со какво било окупирање на просторот. Па, луѓе мои, уште не сте ја ни избркале моменталната власт, а веќе се однесувате исто како неа -  им го ограничувате правото на движење на вашите неистомисленици.
Протестот беше за сечие право на збор, така?

Најважно од сè, совет до тие што сакаат да ја сменат власта: власт во демократско општество се менува на избори, не на улица. На улица се почнува револуција, а во револуција гинат луѓе. Имате и други демократски средства на располагање, сепак оваа власт била избрана на избори со набљудувачи од меѓународни институции (со помали нерегуларности). Едно од тие средства е референдум: Соберете 150,000-200,000 потписи, не се сеќавам колку беше минимумот и распишете итен референдум за предвремени избори. Гледајќи колку луѓе имаше на улица на протест, не би требало да биде проблем. Во тој случај, никој не може да ви ја оспори бројката на луѓе што ве поддржуваат. Најискрено, се надевам дека на тие нови избори ќе се појави некоја нова кредибилна опција, зошто и оваа на Груевски и онаа на Заев мене не ми држат вода. Може е време да се појави некој како Сириза во Грција (трета Опција, по Нова Демократија и ПАСОК) или мојот личен фаворит Beppe Grillo од и неговото 5 Star Movement, најмногу заради V-Day (Vafancullo Day).

Знам дека сега ќе има доста коментари од типот "лесно ти е тебе од страна, не знаеш како е овде". Точно, не знам, затоа не ги бранам ни едните ни другите. Само сакав да го искажам моето лично мислење и да пренесам некои искуства од Европски демократии. Точно, имам свој личен интерес: безбедноста на моето блиски, којашто не сакам да биде загрозена заради чии било политички агенди.

Дејан Р.

 

20 мај 2015 - 13:42