На Австралија црно ѝ било пушено

Кутија цигари во Австралија е околу 40 долари. Владата со години беше убедена дека со жестоки акцизи неповратно ќе го уништи пушењето. Дел од луѓето сигурно ќе се откажат заради цената но дел ќе побараат чаре. А тоа се вика црн пазар. 80% од она што сега се пуши во Австралија е купено на црно. На тој начин, здравјето на нацијата, во чие име се спроведуваше таквата политика, сега е во рацете ка крминалците кои управуваат со тој пазар.  

Австралиската влада ја помина последната деценија воведувајќи драконски зголемувања на акцизите и даноците за да го ограничи пушењето, и како резултат на тоа, земјата ги има најскапите цигари во светот. Просечната цена на мејнстрим цигарите е 54,99 австралиски долари по кутија (околу 40 долари).

Таквите цени ги упатија луѓето кон црниот пазар.

Лани околу 80 проценти од тутунот што се консумирал во Австралија бил нелегален, во споредба со 12 проценти во 2017 година, покажува новата анализа на Австралиското биро за статистика.

Има логика. Студијата, која е прв обид на австралиската влада да ја процени големината на црниот пазар, откри дека цените на легалните тутунски производи се зголемиле речиси трипати од декември 2016 година додека цените на нелегалните тутунски производи останале релативно исти.

Од 2020 година, трошењето на домаќинствата за легални цигари и тутун се намалило речиси преполовено, но помеѓу 2017 и 2025 година, количината на никотин што се консумира во Австралија се зголемила за речиси 40 проценти.

Како резултат на тоа, иако помеѓу 2016 и 2025 година, иако цената на легалните цигари се зголемила речиси за трипати, приходите од давачки за тутун се намалиле за повеќе од половина па министерството за финансии ги намали проекциите за приходите од акцизи на тутун.

Не ќе го жалиме ние австралискиот буџет, но, оваа политика доведе до посериозни проблеми. Колапсот на легалниот пазар на тутун донесе сериозен бран на насилство меѓу бандите, вклучувајќи пукања и подметнати бомби.

Пишувавме за тоа уште пред две години (види: Тутунски банди водат војни по Австралија), но бељите се кумулираат. Од 2023 до денес, групите на организиран криминал поврзани со нелегалниот пазар на тутун и вејп во Австралија се поврзани со над „200 подметнати бомби и пожари“, „најмалку 3 убиства“ и којзнае колку други насилни напади кои немале фатален исход.

„Тешко е да се замисли како ова може да биде полошо“, вели Рохан Пајк, поранешен детектив на австралиската федерална полиција кој објаснува дека актуелните насилства се идентични со некогашните старомодни војни за територија и дека привлечени од високиот профит, криминалните банди се во жесток клинч кој ќе зграби поголем дел од дистрибуцијата. 

Признава дека со апсења не можат да го решат проблемот бидејќи некои од осудените, по излегувањето од затвор стануваат уште понавежбани и посилни, некои од нив денес се клучни играчи на сцената.

Заклучокот е дека со ваква еднонасочна политика, владата на криминалците им намести да шутираат слободен удар и во нивни раце го стави здравјето на нацијата, во чие име беше сета таа „праведна и благододна“ даночна прохибиција.

7 јуни 2026 - 10:34