Во Мариналеда, Шпанија, живеат 2,700 луѓе. Повеќе од триесет години тие бираат еден ист градоначалник, кој од некогаш мизерното место создал нешто налик на комунистичка утопија - со нула (0) процент невработеност и земјиште во колективна сопственост.
Додека стапката на невработеност во Шпанија руши рекорди, со околу 500 загубени работни места дневно, жителите на Мариналеда во Андалузија имаат причина за гордост. На површина од претходно необработувани 1,200 хектари, кои во 1990 биле одземени од локален аристократ, извесен Војвода од Инфантадо, денес секој има можност да одгледува маслинки, артичоки, лути пиперчиња или грав. Сè што треба е да се фати за мотика.
Работниците не само што целосно ги користат плодовите од нивниот труд, туку имаат право на куќа (секоја со три спални, изградени на општинска земја со градежни материјали донирани од регионалната власт). Единствен услов е идните сопственици да учествуваат со 450 работни денови во градењето на оваа и други куќи, и добиениот дом да не го продаваат на друг. На овој начин досега се изградени повеќе од 350 куќи. Целото место е украсено со политички мурали и револуционерни слогани, а улиците и јавните установи носат имиња на латино-американски левичари - од Че Гевара, до Салвадор Аљенде и Пабло Неруда. Во областа нема полиција, со што годишно се заштедуваат околу 350,000 долари.
Мариналеда стана центар на левичарскиот активизам откако во 1979 негов градоначалник стана Хуан Мануел Санчез Гордиљо, поранешен наставник по историја, кој стана познат во светските медиуми по организираното крадење храна од големите супер-маркети во 2012 и нејзино делење на сиромашните, заради што го доби прекарот „шпански Робин Худ". Тој го освои мандатот како претставник на Здружениот работнички колектив, комунистичка земјоделска организација која меѓу другото верува дека Андалузија треба да биде независна од Шпанија.
Со текот на годините жителите организирале акции на окупирање фарми, присилно влегување во владини канцеларии и штрајкови со глад, се' заради добивање право на работа и земјиште. На крај нешто што на почетокот изгледало како утопија е реалност:„Веруваме дека природните ресурси треба да бидат во служба на луѓето, дека тие имаат природно право на земјата, а дека земјата не е нешто со што може да се тргува. Истото важи и за правото на храна и на домување", вели Санчез Гордиљо, кој заради незаконските експропријации на земјиште и грабежите по супер маркети неколку пати е затваран, а има преживеано и два обиди за атентат од десничарски екстремисти.
Иако методите кои ги применува се предмет на дискусија во шпанските медиуми, а неговите политички противници велат дека станал ист како големите земјопоседници кои ги критикува, Санчез со неговата густа брада, џинсот и задолжителната палестинска марама, секоја година, повеќе од триесет години, добива мнозинство гласови од локалните жители. „Тоа сигурно значи дека барем нешто правам ко што треба", вели тој.