Изминатите неколку години, Мелбурн се обиде да се трансформира во „smoke free“ град, постојано ширејќи ги зоните во кои е забрането пушење и вајпање.
Во голема мера како резултат на овие и други напори, Мелбурн сега се наоѓа во канџите на тутунска војна.
Во последните две години, повеќе од 80 бизниси - главно тобако шопови, но и ресторани, супермаркети и гранапи каде што на црно се продавале цигари - биле опожарени од ривалски банди. За среќа нема жртви бидејќи пожарите се подметнуваат во раните утрински часови. Но, прашање е кога ќе го има и тоа.
Проблемите беа предвидливи. Како и секоја развиена земја, Австралија две децении води војна против пушењето: постојано зголемување на оданочувањето, пакувања на цигари без брендови, забрана за пушење во затворени простории....
Бројот на Австралијци кои пушат бележеше постојан пад. Сè додека тоа не престана. Тврдоглави 12 отсто од населението остануваат решени да уживаат во животот со цигара. Ова отвори профитабилен пазар за опортунистички банди.
„Исто како и војната против дрогата, и војната против пушењето ќе биде голем неуспех“, предвидува Хуго Тимс.
Австралиската федерална полиција пресретна и заплени огромни количини нелегален и неоданочен тутун на пристаништата и аеродромите, но колку е неоткриено? Земјата има огромно крајбрежје од преку 34.000 километри. Друг проблем е што, за разлика од кокаинот, тутунот може да се одгледува во Австралија и да се продава како режан рефус.
Пакло Марлборо легално е 30 австралиски долари. На црно, кутија кој било бренд се наоѓа за 16.
Според Австралиската даночна канцеларија, трговијата со тутун на црниот пазар сега вреди повеќе над 2 милијарди американски долари, повеќе од 10 проценти од вкупниот пазар на цигари.