
ЕУ се преправаше дека навистина сака да продолжи со проширувањето и овие земји да се приклучат, додека земјите од Западен Балкан се преправаа дека навистина веруваат дека имаат перспектива за членство.
Оваа преправање продолжува и деновиве, додека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги посетува земјите од регионот пред самитот ЕУ-Западен Балкан на 5 јуни во Тиват, Црна Гора, пишува Аугустин Палокај.
За време на турнејата, Кошта ги повторува своите „гаранции“ до овие земји дека имаат место во ЕУ и дека е само прашање на ден кога ќе се постигне оваа цел, бидејќи, како што постојано се слуша: „ЕУ нема да биде целосна сè додека сите земји од Западен Балкан формално не се приклучат“.
Само што слични гаранции беа дадени на самитот во Загреб во 2000 година, првиот меѓу ЕУ и Западен Балкан, потоа на самитот во Солун во 2003 година, и така натаму и така натаму, сè до денешен ден.
Резултатот е дека од 2007 година, кога Бугарија и Романија се приклучија на ЕУ, само Хрватска успеа да влезе, на 1 јули 2013 година. Оттогаш, ЕУ не само што не се прошири, туку и се намали со Брегзит. Никогаш во историјата на ЕУ не поминале толку многу години без ново проширување, макар со една нова земја.
Имаше многу примери за земји-кандидатки кои не сакаат да ги исполнат критериумите за напредок кон членство во ЕУ, особено оние што би ја загрозиле нивната политичка позиција, а понекогаш дури и нивната лична слобода.
„Но, имаше и безброј примери за земји во регионот кои не можат да напредуваат дури и кога е утврдено дека ги исполниле условите. Ова сè уште им се случува на некои од нив. Така, ова меѓусебно преправање доведе до ситуација каде што кандидатите не се многу заинтересирани за спроведување реформи бидејќи се сомневаат дека ЕУ ќе го одржи своето ветување“, пишува Палокај.
Во меѓувреме, ЕУ почна да се прашува дали е воопшто подготвена за проширување, особено ако тоа значи прием на повеќе земји.
Во последно време се појавуваат различни идеи околу условното проширување па се вклучуваат „меѓучекори“. Првенствено заради Украина и можноста нејзиното членство во ЕУ да биде дел од мировен договор со Русија за кој САД моментално преговараат. Значи, Русија и Украина, со посредство на САД, би можеле да одлучат за членството на Украина во ЕУ без учество на Унијата.
Германскиот канцелар е еден од оние кои предлагаат „иновативни решенија“ за Украина и земјите од Западен Балкан па се спомнува „статус на набљудувач“ во институциите на ЕУ и привилегиран пристап до единствениот пазар на ЕУ.
„И овие идеи испраќаат порака дека клучните земји на ЕУ не веруваат во формално проширување. Бидејќи, ако веруваа, зошто би смислувале „меѓучекори“?, се прашува аналитичарот на Јутарњи.