Кога Санае Такаичи стана првата премиерка во историјата на Јапонија, ѝ порача на нацијата дека ќе „работи, работи, работи, работи и ќе работи“. Се покажува дека буквално го мислела тоа.
Традиционално работливите Јапонци минатата недела се вознемирија од веста дека Такаичи ги повикала помошниците во нејзината канцеларија на состанок во 3 часот наутро за да се подготват за сослушување пред Комитетот за буџет во 9 часот.
Сега спијам по околу два часа, најмногу четири. Веројатно е лошо за мојата кожа, им рекла на пратениците од законодавниот комитет.
Им објаснила дека таква навика за неспиење имала и поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, која ѝ е политички идол.
Поранешниот министер за економија Кен Саито јавно изрази загриженост за здравјето на премиерката, а опозицискиот пратеник Кацушито Накаџима пријателски ја повика да спие повеќе.
Владините службеници се загрижени дека премиерката ќе очекува од сите да работат како неа. Кога Такаичи беше избрана за лидерка на либералдемократите, им изјавила дека својот баланс помеѓу работата и одморот ќе ги задржи за себе. Но, во исто време ги повикала сопартијците „да работат како коњи“.
Јапонците се привикнати на корпоративна култура во која работодавците очекуваат од работниците да работат многу подолго, а и потоа да се дружат со колегите, наместо веднаш да заминат дома. Овој притисок го создаде феноменот на кароши – смрт од претерана работа, а се одразува и врз демографскиот пад на нацијата. Младите двојки едноставно не им останува време и сила за да ги посветат на деца. Во изминатиот период се зголемил бројот на кароши.
Првите потези на премиерката не ги охрабруваат Јапонците дека ќе имаат повеќе време за одмор. Владата предлага да се зголеми бројот на легални часови за прекувремена работа. Такаичи тврди дека без оглед на законските измени, приоритет ќе биде здравјето на работниците.
Би било идеално ако можеме да создадеме услови луѓето правилно да ги балансираат одговорностите за грижа за децата и негата според нивните желби, а исто така да можат да работат, да уживаат во слободното време и да се релаксираат, вели премиерката.
Студија објавена на Светскиот ден на спиењето во март покажа дека Јапонците спијат многу пократко во работните денови отколку луѓето во другите индустриски развиени земји. Просекот во Јапонија е 7 часа и 1 минута, а меѓународниот е 38 минути повеќе.
******
Види и: Санае Такаичи: Бубњарка, моторџика, премиерка
Јапонци на граница на издржливост