Јапонката Мива Садо била новинарка во државната телевизија НХК, и во месецот пред нејзината смрт таа имала само 2 слободни дена. Причината за смрт на Садо е откажување на срцето. Иако Садо умира во јули 2013, нејзиниот работодавец дури неделава го објавува случајот и причината за него.
Садо била политички репортер кој ги следи изборите за токиското градско собрание и горниот дом на националниот парламент, кои се одржуваат во јуни и јули 2013. Таа умира три дена по изборите за горниот дом на јапонскиот парламент.
Колегите објаснуваат дека НХК чекале толку време за да објават за смртта на Садо заради почит кон нејзиното семејство.
Признанието на НХК следува цела година по објавата за смртта на 24-годишната вработена во маркетинг агенцијата Дентсу, Матсури Такахаши. Девојката се самоубива во декември 2015, а неколку месечната истрага открива дека причина за тоа е стресот од долгото работно време. Во месеците пред да се самоубие Такахаши има над 100 часа прекувремено.
Случајот на Такахаши, по сериозен јавен притисок, го натера јапонскиот премиер и владата да препорачаат мерки и ограничувања за дозволените прекувремени работни часови. По ново, вработените не смеат да имаат повеќе од 100 прекувремени работни часови месечно.
Во белата книга за кароши (смрт од преработеност), владата открива дека секој петти вработен во земјата ризикува смрт од превработеност. Според истиот документ во периодот од декември 2015 до крајот на јануари 2016, 22,7% од компаниите имале вработени со повеќе од 80 часови прекувремено работно време.
Во 2015, просекот на земен годишен одмор во Јапонија бил 8,8 денови, што е половина од она што им следува.