Белгискиот премиер упорно ги предупредува колегите дека е огромен ризикот од руска одмазда за експропријацијата на нејзините суверени средства. Ако Москва добие правен спор, Белгија и депозитарот Евроклир во Брисел, кој ги држи средствата, ќе бидат одговорни самите да го вратат целиот износ.
Тоа е сосема лудо, протестирал Барт де Вевер.
Белгиската блокада беше поставена во критичен момент. Следниот самит на 18 декември е последна шанса за ЕУ да усогласи конечен план за да не остане Украина без пари. Останува главното прашање – дали лидерите на ЕУ Урсула фон дер Лејен и Антонио Кошта ќе го разубедат Де Вевер? Досегашните знаци не се поволни.
Да кажеме дека не сум импресиониран. Нема да ризикуваме да ставиме стотици милијарди како товар врз Белгија. Ни денеска, ни утре, никогаш, вели премиерот.
Кон овие пари неодамна посегнаа и САД. Американски функционери пред неколку месеци го известиле европскиот пратеник Дејвид О’Саливен дека средствата треба да ѝ бидат вратени на Русија веднаш штом биде постигнат мировен договор. Во октомври, во оригиналниот мировен план од 28 точки на САД беа вклучени предлози за одмрзнување на руските средства за да се користат за обнова на Украина, при што САД би зеле 50% од профитот.

Ова предизвика шок низ Европа и го принуди Брисел да го засили притисокот врз Де Вевер. Во изминатите неколку недели Бјерн Зајберт, највисокиот соработник на Фон дер Лејен, беше задолжен да изнајде креативен начин како да ги надмине забелешките на Белгија. Една од алтернативните идеи е владите на членките да брцнат во сопствените каси за му дадат заем на Киев, што е тешко возможно поради лошата состојба на буџетите на многу европски земји. Другата е да се финансира заемот преку заедничко задолжување од ЕУ, што не е прифатливо за штедливите земји, бидејќи тоа би подразбирало натрупување на долг за идните генерации.
Се зголемува и притисокот кон Фон дер Лејен, која одбива да го објави нацртот на одредбите за заемот за репарации. Особено упорен е канцеларот Фридрих Мерц, кој е загрижен дека ако одбие Белгија, тогаш заемот би морал најмногу да биде финансиран од германските даночни обврзници.
Ова е итна потреба. На Украина ѝ е потребна нашата поддршка. Руските напади се интензивираат. Зимата се приближува, поточно, веќе сме во зима, предупреди Мерц.
Де Вевер е непоколеблив и има поддршка од белгиската влада и од Еуроклир. Веќе има загрижености и за безбедноста. Забележани се дронови над бриселскиот аеродром и воени бази.

Потенцијален проблем е и Унгарија. Руските средства се замрзнати само поради тоа што унгарскиот премиер Виктор Орбан секои шест месеци се согласува да бидат продолжени санкциите за Москва. Ако тој еднаш одбие да гласа, Русија ќе може да си ги побара парите.
Брисел е соочен со невозможна ситуација. Треба да најде начин како во исто време да ѝ помогне на Русија, да ги задоволи Белгија и Унгарија и да спречи оптоварување на даночните обврзници низ земјите.
Се подготвуваме за најважниот од сите самити. Се обидуваме Европа да биде присутна на масата на која се дефинира историјата, изјави естонскиот дипломат Џонатан Всевјов.
Дали ќе може унијата од 28 различни, расцепкани и комплекси земји, секоја со свои домашни проблеми, политички ривалства и амбициозни лидери да се обедини во клучниот момент?
Може само да се нагаѓа, вели еден европски дипломат.