Загрижувачкиот тренд на ниски стапки на наталитет се прошири и во земјите во развој. Во повеќе од две третини од земјите од светот стапката на новородени деца е под потребното ниво од 2,1 дете на секоја жена за одржување на населението. Во 66 земји, просекот сега е поблиску до едно отколку до две. Во некои, најчестиот број на деца родени од секоја жена е нула.
Брзината на демографскиот пад ги надминува и најпесимистичките очекувања. Пред пет години Обединетите нации предвидоа дека во Јужна Кореја во 2023 година ќе бидат родени 350.000 деца. Се родиле 230.000. Стапката на наталитет во Мексико во 2023 година првпат во историјата падна под онаа во САД. Слична е ситуацијата и во Бразил, Тунис, Иран и Шри Ланка.
Овие земји сега стареат побрзо отколку што се богатат. Намалената работна сила претставува товар за продуктивноста и за стандардот. Стагнацијата на Јапонија од 1990-тите години се објаснува со ниската стапка на наталитет што го намали работоспособното население. Тоа покренува спирала на зголемување на трошоците за пензии и здравствена заштита и уште повеќе го зголемува притисокот врз младите двојки, кои губат мотив да имаат повеќе деца во семејството.
Студија од демографот Стивен Шо покажува дека во САД и во повеќето земји со високи приходи, бројот на деца што ги раѓаат мајките е стабилен или дури расте. Повеќето млади мажи и жени сè уште пријавуваат дека сакаат две деца - дури и во Јужна Кореја каде што повеќето жени сега немаат ниту едно.
Но, во последните 15 години нагло се зголеми процентот на жени што воопшто немаат деца. Стереотипите што често се поврзуваат со овој тренд вклучуваат жени кои ги ставаат кариерите пред децата или парови кои избираат да немаат деца и покрај тоа што можат да си ги дозволат.
Според анализа на Фајненшл тајмс, половина од падот на стапките на наталитет во богатите земји по 1990-те може да се објасни со намалената моќ да се обезбеди сопствен дом и со зголемувањето на бројот на млади што живеат со своите родители. Но, ова само по себе не може да го објасни најновиот стрмен пад. На пример, во нордискиот регион, плодноста опадна и покрај економската стабилност и зголемувањето на бројот на млади возрасни кои живеат сами. Дури и кога паровите можат да си дозволат да се преселат во свој дом, поголема е веројатноста дека ќе се разделат отколку дека ќе имаат дете.

Нова анализа покажува дека еден од главните фактори што го задвижува јазот помеѓу желбата за повеќедетно семејство и реалната ситуација е современиот начин на живот.
Натан Хадсон и Хернан Москосо-Боедо од Универзитетот во Синсинати минатиот месец објавија труд во кој ги анализирале стапките на наталитет низ призмата на воведувањето на 4G мобилните мрежи во САД и Британија. Бројот на новородени деца најбрзо се намалил во областите што најрано добиле брза мобилна конекција.
Смартфоните со пристап до интернет длабоко го трансформираа начинот на кој младите луѓе го поминуваат времето едни со други, нагло намалувајќи го директното дружење, поради што паѓа и наталитетот, заклучуваат авторите.
Стапките на наталитет кај тинејџерите и младите возрасни во САД, Британија и Австралија биле генерално рамни во раните 2000-ти, но почнале да опаѓаат од 2007 година. Во Франција и во Полска падот почнал во 2009 година, во Мексико, Мароко и Индонезија некаде во 2012 година, а во Гана, Нигерија и Сенегал се продлабочил помеѓу 2013 и 2015 година. Сите овие пресвртни точки се совпаѓаат со масовното користење на смартфони.
За да запознаете личност со која ќе се ожените, потребно е филтрирање низ многу луѓе. Ако се дружите со помалку, ќе ви треба многу подолго време за да пронајдете партнер, ако воопшто најдете. Ако поминувате многу време дружејќи се со вашите врсници во реалниот свет, вашите стандарди се засновани на реалниот свет. Ако го поминувате времето на Инстаграм, вашите стандарди се засновани на вештачко чувство за тоа што е нормално, објаснува демографот Лајман Стоун.