Во бранот зелени политики насочени за борба против климатските промени, многу земји во изминатите години ја намалуваа потрошувачката на јаглен, префрлајќи се на течен природен гас, кој испушта двојно помала количина јаглерод диоксид.
Конфликтот со Иран значи дека очекуваниот пад на побарувачката на јаглен до крајот на оваа деценија веројатно сега ќе биде одложен, вели Тони Кнутсон, аналитичар од консултантската фирма „Вуд Мекензи“.
Враќањето на јаглен е најизразено во Азија, каде што некои земји се соочуваат со непосреден недостиг на гас. Речиси 90% од вкупниот обем на течен природен гас извезен преку Ормускиот теснец обично е наменет за Азија. Но, откако почна војната на САД и Израел против Иран, само три брода со течен природен гас поминале низ клучниот воден пат. Последниот товар на катарски течен природен гас што се упати кон Азија го напушти Персискиот Залив пред војната. Пристигна во Кина на 20 март.
Тајван ги рестартира неактивните електрани на јаглен, а Јужна Кореја во април го зголеми производството на струја од јаглен за повеќе од една третина. Индија издаде итна директива, принудувајќи ги електраните на јаглен да го максимизираат производството пред летото, кое се очекува да биде потопло од вообичаеното, што значи и поголема потреба за струја за клима-уредите.

Цените на јаглен во австралиското пристаниште Њукасл, клучен снабдувач за Азија, скокнаа за 12% од почетокот на војната во Иран. Цената накратко надмина 140 долари за тон кон средината на март, што беше највисоко ниво од крајот на 2024 година, иако остана далеку под 440 долари достигнати по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Јагленот е гориво за осигурување во моментов. Тој е геополитички многу понезависен во однос на течниот природен гас. Додека трае војната во Иран и Ормускиот теснец останува затворен, јагленот ќе ја пополни празнината, рече Кнутсон.
Слично отстапување од енергетската политика имаше во 2022 година, кога западните земји се откажаа од рускиот природен гас поради руската воена инвазија врз Украина. Во тоа време, Европа беше лидер во купувањето јаглен за да го одржи доставувањето енергија до домовите и фабриките. Глобалната конкуренција на пазарот ги крена цените до нови рекорди.
Европа е помалку политички спремна да премине од гас кон јаглен, за да не ги загрози плановите за развој на обновливи извори. Само Италија ги стави своите електрани на јаглен во „режим на подготвеност“, како превентивна мерка од долгорочен енергетски шок. Рим, исто така, го одложи постепеното исклучување на своите електрани на јаглен до 2038 година. Италија е една од економиите во Европа кои најмногу зависат од гас, кој задоволува 40% од вкупните потреби за енергија.