Перети опишува како богатите и привилегираните живеат во свет на фантазија - на симболи, исто како што тоа го прават религиските фанатици. Тие бесцелно трупаат пари, бидејќи имаат многу повеќе отколку што можат да потрошат. Ги складираат помеѓу тули и малтер во празни куќи во Лондон, во даночни раеви, во злато и скапоцени камња. Што е поентата на сите овие пари? Колку скапи оброци можеш да изедеш, колку луксузни коли можеш да извозиш, во колку од куќите реално можеш да живееш?
Исто како „светите списи", и јахтите и приватните острови се чисто тотемски. Тие претставуваат еден систем на верувања и еден идентитет. Тој идентитет прави богатите да се чувствуваат доблесно. Тие си велат: да не се овие работи, тоа би значело дека не сум успеал. Тоа им дава и причина да станат наутро - за да прават пари.
Јас и вие не сме многу различни. И ние имаме системи на вредности и уверувања, а некои од нив не можеме баш разумно да ги браниме. Но кога нешто го сметаме за закана по тие наши убедувања, стануваме агресивни. Колку што нешто е покритично кон нашиот светоглед, толку стануваме погневни.
Ова е делумно причината за фуриозниот тон на аргументите кои се слушаат по убиствата поврзани со Шарли Ебдо. Не зборувам за „нашиот" гнев кон убијците. Луѓето на „истата страна" остро дискутираат за нивните различни ставови во врска со настаните.
Оние кои сметаа дека карикатурите биле непотребно провокативни се етикетирани како предавници, за оние кои повикува на нивно итно препечатување се вели дека ја подгреваат исламофобијата. Оние кои не ја прифатија идејата дека исламските терористи „немаат ништо заедничко со исламот" поттикнаа агресивна реакција. Оние кои пак пропагираат засилување на безбедноста од страна на државата се остро напаѓани од оние кои сметаат дека приоритет се граѓанските слободи.
Гневот стана наш лингва франка: затоа што се плашиме, и стануваме уште поуплашени, и не сакаме да признаеме дека ни е страв. Затоа што ако го направиме тоа, значи да признаеме дека нашите уверувања не се врежани во камен како што би сакале да биде.
Во оваа смисла ние сме во истиот кош со џихадистите кои ги издигнуваат и конкретизираат нивните неверојатни убедувања во нефлексибилна идеологија. Идеологија - фиксиран систем од идеи кој не се помрднува ни сантиметар пред фактите - тоа е коренот на голем број зла. А сите ние сме, во некаква мерка, идеолози.
Живееме во свет на промена и сложеност без преседан, и тоа нè прави уште поочајни во тоа да се држиме до она што мислиме дека го знаеме. Ни треба верба дека нашите цели, оние во кои инвестираме значење, се валидни. Според оваа дефиниција бизнисот е религија, кариерата е религија, семејството е религија, нацијата е религија, секуларизмот е религија, религијата е религија. Нема бегање од ова. Сепак, нашите вредности не можат да бидат независно верификувани - освен преку поддршката на оние кои мислат како нас.
Но што би ставиле на местото на нашите системи на верувања, чија дестабилизација може да биде опасна? Ништо. Буквално ништо. Сите наши системи на верувања се едноставно конструкти. Светот не е ваков или онаков. Светот Е. Ние ги проектираме нашите вредности врз него, конзервативни или социјалистички, секуларни или верски. Но реално, сè е под знак прашање, а токму тоа тешко го прифаќаме.
Ова е предизвикот на релативизмот. Ова е предизвикот на постмодернизмот. Ова е егзистенцијалната дилема на светот.
Ако вредностите и убедувањата се производи на умот а не на конкретни реалности - за плутократот исто како и за исламистот, за феминистката како и за патријархот, за социјалистот исто како и за неоконзервативецот - тогаш мора да научиме да живееме со таа реалност, без да ги разболуваме нашите духови со самозаштитувачки гнев.
Алтернатива на убедувањето е вербата. Не религиската вера, туку вербата која не се храни од сопствените проекции на омраза против „другиот", кој вклучува луѓе од нашата средина кои не ги делат нашите гледишта. Верба дека сите ние сме човечки души кои се обидуваат да си ја држат главата над водата во поплавите на збунетост. А вербата, како што тоа го вели и Новиот завет, е секогаш нагризувана од сомнеж.
Но сомнежот не е нешто од што треба да стравуваме - оној кој ни вели дека сите наши идеи и скапоцени убедувања се само гранки на ветрот. Има и значење во безначајното, во „облакот на незнајното" во којшто сите живееме. Има реални факти - има љубов, ја има нашата сопствена свест, го има овој ден овој момент, чувството на човечка поврзаност.
И чувствата на страв и гнев изгледаат реално, но тие често се резултат на верувањата до кои се држиме, а не се таканаречени „искуства од прв ред" (искуство од прв ред е на пример натрапник кој ви влегол дома со нож).
Фактот дека верувањата кои се спротивни на нашите се дочекани со етикетирања и со отпор е симптом на ирационален страв - стравот од тоа да си збунет. Затоа терористите се викаат така, затоа што намерно шират терор (страв). Стануваме ранливи и фракционирани. И покрај сите реакции на „сојузништво" во врска со Шарли Ебдо, ние се вртиме едни против други. Ова е точно она што го сакаат убијците. Колку што повеќе ги затвораме нашите уши за недобредојдени гласови, толку повеќе се приближуваме до болните умови на џихадистите - или, ако повеќе сакате, на перверзните фантазии на супер-богатите.
За да се опстане човек мора да биде доволнo храбар да не се држи до сопствените убедувања како за омиленото ќебенце, туку секогаш да ги преиспитува и да им бара маани - тоа значи и слушање на други, колку и да не сакаме да чуеме што имаат да ни кажат.
За ова сум апсолутно сигурен. Речиси.