Операцијата Епски бес не само што не ја намали важноста на нуклеарната програма за Иран, туку и уште повеќе ја зајакна неговата решеност да го зачува она што го смета за стратешка предност и симбол на националниот суверенитет. Барањата од Трамп за „нулто збогатување“ денес се уште понереални отколку што беа пред војната и практично не може да бидат дел од договорот за крај на војната.
Откако ја совлада технологијата за збогатување на ураниум во 1999 година, Иран инсистира да го задржи овој капацитет, повикувајќи се на своите права од Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Нуклеарниот ќорсокак беше товар за осум американски претседатели. Збогатувањето не можеше да се поништи ниту да се отфрли.
Ова прашање беше делумно решено со нуклеарниот договор што со Иран го постигна администрацијата на Барак Обама. По години преговори, санкции и дипломатска изолација, нуклеарниот договор го легитимираше проектот за збогатување на Иран според Резолуцијата 2.231 на Советот за безбедност на ОН. Договорот поддржан од Обединетите нации во никој случај не беше совршен, но како договор за неширење, тој ја исполни својата намена.
Тој сериозно ја ограничи програмата, подложувајќи го Иран на најсилниот механизам за инспекција во светот, опиша Јукија Амано, поранешен генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Првата администрација на Трамп погрешно процени како Иран ќе реагира на повлекувањето на САД од договорот. Кога беше прашан што ќе направи Вашингтон ако Иран ја рестартира својата нуклеарна програма, тогашниот државен секретар Мајк Помпео изјави: „Уверени сме дека Иранците нема да донесат таква одлука“.

Откако Трамп ги врати санкциите, Иран почна да отстапува од обврските. До јули 2019 година почна да збогатува на 4,5%, малку над ограничувањата, а во јануари 2020 година ги укина сите ограничувања. По саботажата врз капацитетот Натанц во април 2021 година, Иран објави план за збогатување ураниум до 60%.
Ова беше голема ескалација наменета да боцне во очите на Американците за да разберат дека не можат да нè турнат на колена, истакна поранешниот ирански министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф.
Иранците не се откажаа од правото на збогатување дури и откако САД и Израел лани заеднички им ги нападнаа нуклеарнтие капацитети.
Не можеме да се откажеме од збогатувањето бидејќи тоа е достигнување на нашите научници. А сега, повеќе од тоа, тоа е прашање на национална гордост, изјави по 12-дневната војна министерот за надворешни работи, Абас Арагчи.
Во февруари, пред САД и Израел да ја почнат актуелната војна, Иран се согласи на предлогот за „нулта залиха“, што значеше дека нема да складира никаков фисионен материјал што би можел да се користи за развој на нуклеарно оружје.
Ова беше многу важен пробив. Му овозможи на Иран да го зачува угледот и да го одржи капацитетот за збогатување, а воедно ја елиминираше можноста за брзање кон бомба, оцени министерот за надворешни работи на Оман, Бадр бин Хамад ал-Бусаиди, кој посредуваше во преговорите.
Договор е можен ако САД ја прифатат како реалност решеноста на Иран да збогатува ураниум, забележува Сина Азоди во статија во Форин полиси.
Под строг надзор на МААЕ, таков центар би можел да снабдува ниско збогатен ураниум на регионалните држави за цивилна употреба. Концептот не е нов - варијации од него се дискутираат уште од 1970-тите и повремено се истражуваат и од Техеран и од Вашингтон – иако преостануваат технички, политички и логистички предизвици, пишува Азоди.
Преодно решение може да биде временски ограничен договор за суспензија на активностите. Иран би можел да се согласи на пауза, во замена за олеснување на санкциите, пред да продолжи со ограничена, внимателно следена програма под надзор на МААЕ. Иранските преговарачи во април предложиле петгодишен мораториум, а потпретседателот Џ.Д. Венс, инсистирал на 20-годишна суспензија. Компромисен рок би им овозможил на двете страни да прогласат победа во војната.