Народот беше во право

Ви кажавме. Ви кажавме дека ЕУ не е некоја хипиевска, интернационалистичка екипа туку само за себе заинтересиран протекционистички блок. Ви кажавме дека е склеротична бирократија чија централизација на моќта се повеќе и повеќе им отежнува на земјите членки да се однесуваат како демократски нации и соодветно и брзо да одговорат да потребите на сопствениот народ.

Ви кажавме дека на ЕУ и не и е нешто посебно гајле за мировниот договор за Северна Ирска и дека тој само се користи како оружје за поразување на брегзитерска Британија. Ви кажавме дека ЕУ ја експлоатира Ирска, цинично фокусирајќи ја својата загриженост околу границата меѓу Ирска и Британија со цел дополнително да се демонизира брегзит, и дека за кратко време ќе ја зборави целата загриженост околу Ирска и повторно ќе ја сведе на статус на нео-колонија. Ви го кажавме сето ова. И бевме во право.

Се порастроеното однесување на ЕУ околу вакцините шокираше голем број и од тие што беа за останување во Унијата. Меѓутоа преголем дел од дискусијата се базира на идејата дека ЕУ едноставно направила некои грешки, и неколку избрзани и очајни одлуки. Вистината е дека однесувањето на ЕУ изминатава недела - и нејзините неуспеси на фронтот со вакцините, и нејзините мерки на очаен протекционизам, и нејзините пирови кон Британија, и нејзиното тормозење на Република Ирска - не се само грешки во системот; тоа е системот. Тоа е како централизираната, полу-заинтересирана, нео-колонијална сила каква што е Европската Унија функционира. И тоа е зошто 17,4 милиони од нас гласаа против нејзе на референдумот во 2016.

Сè што е погрешно со ЕУ е на целосен и депресивен приказ во изминативе недели. Нејзината бирократска, па дури и византиска природа, во која регулативата е најврховното нешто, значеше дека таа ќе биде бавна во согласување околу вакцините и бавна во нивното одобрување. Сето ова предизвика шокантен недостаток на вакцини на континентот, што значи дека земјите членки или мораа да многу бавно да почнат со вакцинацијата или целосно да ја запрат. Европската комисија им забрани на земјите членки да создаваат сопствени залихи на вакцини. Ова не беше „погрешна процена“. Ова беше како централизираната насочена кон разводнување на суверенитетот, ЕУ, функционира. Таа инсистира од земјите членки својата суверена моќ да ја префрлат на Брисел и да се потчинат на правилата и регулативата која може но не мора да биде во нивен национален интерес. Хаосот околу вакцините е последица на самата идеја за Европската Унија.

Потоа следуваа нападите од заштитниците на ЕУ олигархијата. Тие заземаа тврди позиции во обид да компензираат за своите бирократски неуспеси во однос на вакцинацијата. Започнаа војна на зборови со АстраЗенека и се закануваат дека ќе преземат мерки за присилување на Британија да предаде дел од своите залихи од вакцината на АстраЗенека. Наметнаа и контрола на извозот на вакцини. Овој унилатерален акт на вакцина-империјализам можеше да има сериозно влијание не само за Британија туку и за останатите нации кои имаа договори за набавување вакцини со европските производители, вклучувајќи ги Јапонија и Австралија. Повторно ова не е грешка, така работи ЕУ. Минаа 50 години откако евро-скептикот Барбара Кесл предупреди на „евро-шовинизам“ - еве го повторно тој шовинизам.

Исто така видовме колку безмилосно ЕУ ќе ја заштити својата репутација и својата моќ. Еден од најалармантните настани изминативе денови беше дезинформацијата што европските лидери ја шират за АстраЗенека вакцината. Прво во германскиот печат, а потоа и претседателот на Франција, објавија неосновани тврдења дека АстраЗенека вакцината не е ефикасна кај лицата на 65 години. Тоа што францускиот лидер објави сомнеж околу ефикасноста на вакцината - имајќи ја предвид распространетата скептичност кон вакцините во Франција - е длабоко вознемирувачки. Меѓутоа ова е тоа што ЕУ го прави. Таа ги напаѓа претпоставените непријатели - без разлика дали тоа е брегзитерска Британија или производители на одредени вакцини - затоа што нејзината главна цел е зачувување на сопствениот авторитет. Тоа е поважно и пред сè останато, дури и пред важната задача за создавање на доверба кај јавноста во вакцината.

Потоа згора на се, ЕУ го заобиколи договорот што го имаше договорено со Британија пред само неколку седмици. Како дел од вакцина протекционизмот ЕУ се повика на член 16 од северно-ирскиот протокол, што значи дека Северна Ирска, во овој случај, ќе биде третирана поинаку од Република Ирска и ќе биде мета на ЕУ контролите за извоз на вакцини. Зошто? За случајно Северна Ирска да не стане задна врата преку која Британија - гнасната не-ЕУ членка - ќе добие вакцини произведени во Европа. Вакцини кои инаку веќе ги имаме нарачано.

Ова ја соголи циничноста и безмилосноста на ЕУ олигархијата. Со години ЕУ и нејзините навивачи тврдеа дека „цврста граница“ во Ирска би била катастрофална; сега ЕУ се обиде да крене цврста граница во Ирска на вакцина фронтот, за Републиката да ги добие европските вакцини, но не и северот. ЕУ и нејзините глобални поддржувачи изјавија дека секој што нема да го почитува договорот за примирје во Северна Ирска, во основа ќе поттикне враќање на тероризмот на Северот; сега истата таа ЕУ го гази мировниот договор. ЕУ константно тврди дека секогаш се грижи за интересите на Ирска; сега таа унилатерално се повлекува од својата посветеност на Ирска, свесно игнорирајќи ја загриженоста на ирската влада и ирскиот народ и делејќи го островот на оние што заслужуваат да ја добијат вакцината (југот) и оние што не заслужуваат (северот).

Ова фрли освестувачко светло врз презирот што Брисел олигархијата го има кон суверените држави. Започна со акт на непријателство кон Британија со заканата дека ќе отстапи од договорот за брегзит со исклучива намера да се спречи Британија да обезбеди повеќе вакцини. И нејзиниот третман на Ирска беше одвратен. Тие дури не ја ни предупредија ирската влада дека го активираат членот 16 и ја делат Ирска по ковид линиите. Тие очигледно го сметаат ирскиот остров како своја територија, како мала колонија, како парче земја за која може да носат големи одлуки без воопшто да ги консултираат нејзините избрани претставници. И повторно, ви кажавме. Ви кажавме за тоа како ЕУ гледа на Ирска - и на многу не толку моќни Европски нации - како колонијални истурени позиции, како играчки на новата империја, како територии чии интереси се потчинети на капиталистичките елити во Брисел.

Тоа што комисијата сега се откажа од акивирање на членот 16 не ги подобрува работите. Напротив, тоа значи дека видовме и дека ЕУ со презир ја гледа британската и ирската демократија, и дека е лошо владеена, се почесто брзоплета институција. Толку од мислењето дека технократијата е покул, поразумен начин на водење политика. Сега, секако, секој знае колку е тоа неточно.

Ова се вистинските бои на ЕУ. Овој протекционизам, оваа заштита на моќта по секоја цена, ова понижување на нациите - ова е тоа што ЕУ го прави; ова е тоа што ЕУ е. Ако елитите за останување во ЕУ имаат капацитет да бидат искрени кон себе си, тие во моментов ќе го репризираат Мичел и Веб скечот „Да не сме ние негативците?“. Или барем ќе го отворат својот ум кон можноста дека 17,4 милиони од нас кои гласале за напуштање на ЕУ знаеле нешто. Дел од нив, со тек на време, се надевам, ќе сфатат дека всушност ние сме комплетно во право.

Брендан О'Нил
Спајкд

 

1 февруари 2021 - 15:05