Воведувањето на електрични автомобили во возниот парк на европските институции се дел од пошироките напори на Комисијата да го намали својот „јаглероден отпечаток“ во природата. Урсула фон дер Лајен ги почна промените во својот прв мандат во 2022 година и ги потврди во декември, со ветување дека до 2027 година сите 128 коли во возниот парк на Комисијата ќе бидат на струја. Според портпарол на Комисијата, само 20% од колите денес возат на бензин или дизел.
Но, новите електрични коли, вклучувајќи и големи модели на BMW, не се соодветни за патување на подолги релации, како на пример од Брисел до Стразбур, вообичаена за европските службеници. Тие мора да запрат во Луксембург за да ги дополнат батериите. Полнењето вообичаено трае по 20 до 30 минути, што прилично го продолжува времето на патување. Бензинци ја поминуваат релацијата од 440 километри за четири и пол часа, без да мора да запрат.
Прашањето за запирањата заради полнење официјално било отворено на состанок на Колеџот на комесари, откако член на кабинетот на Фон дер Лајен се пожалил на непрактичноста на електричните коли.
Алтернативата e да се вози со „лазење“ по автопатот за да се заштеди енергија. Но, тоа навистина не функционира. На тој начин патувањето може да трае и до седум часа, изјавиле за Политико анонимни службеници од ЕУ.
Ова ги потврдува аргументите на автомобилската индустрија, дека бил претерано амбициозен и неизводлив планот на Европската комисија за забрана на нови возила со мотори со внатрешно согорување по 2035 година на ниво на ЕУ. Краткиот радиус на возење со полна батерија е најчестата причина поради која луѓето се воздржуваат од купување коли на струја.
Комисијата ги прифати забелешките, но дозволата за производство на сите видови погонски склопови по 2035 година ја услови со плаќање „климатски компензации“.
Комесарите не се подготвени да патуваат со воз до Стразбур затоа што немаат приватност за чувствителни телефонски повици. Но, тие се исто така незадоволни што мора да застанат за да се наполнат, понекогаш доцна навечер, по долги пленарни недели кога брзаат да се вратат во Брисел, изјави службеник на друг вознемирен еврокомесар.
Унгарецот Оливер Вархеји понекогаш ја игнорирал обврската што ја наметнува неговата шефица и патувал до Стразбур со својот тим во комбе, наместо со службениот автомобил.
Фон дер Лајен лично е ослободена од обврската што самата ја наметна. Според правилата за безбедност, таа мора да користи блиндиран автомобил, каков што не е достапен со електричен погон. Шефицата на Европската комисија користи блиндирано „ауди А8“ со бензиски погон од 500 коњски сили.
