Интервју со Златко Калински

За 2.000-от пренос Усеин Болт ми трчаше пред очи

Радиофоничниот глас на Калински ќе оди во етер уште две и пол години. Би сакал да коментира со уште тројца вардарови легенди, по дома гледа снукер, а зад себе има и одбојкарска кариера која била пресудна за првиот пренос во кариерата.

ЛОИ Кина 2008

Кој ви беше прв пренос во живо и што ви дадоа да коментирате?

Во есента 1976 година бев хонорарен соработник во спортската редакција на Радио Скопје со неполна година работно искуство. Меѓу мноштвото  репортери, тешко се добиваше шанса за пренос. Кога се планираше распоредот на обврските за емисијата „Неделно спортско попладне“ недостасуваше  репортер за натпреварот од Купот на европските шампиони во одбојка меѓу Вардар и белгискиот Турнаут. Бидејќи, јас штотуку ја завршив одбојкарската кариера погледите на колегите беа вперени кон мене. Тоа требаше да бидат повремени јавувања, но натпреварот доби интересен тек и се претвори во пренос. Во пролетта 1977 година првиот „вистински“ пренос ми беше од фудбалскиот натпревар во Тетово меѓу Тетекс и Дубочица. Така се инфицирав со репортерството и инфекцијата остана до ден денеска. 

Спортската редакција на МТВ

Од колку светски и европски фудбалски првенства сте известувале, како и Олимпијади и дали можеби водите евиденција колку вкупно фудбалски натпревари сте коментирале во кариерата?

Известував и коментирав „во живо“ од четири фудбалски Мундијали и од девет Олимписки игри. Зад себе имам околу 2150 преноси. Две илјадитиот беше за време на Летните олимписки игри во Лондон, на 5 август 2012-та. Пренесував атлетика, тој ден беше финалето на 100 метри, со Болт во главната улога. Јубилеј убав и лесен за паметење. 

Континентален куп во атлетика, Сплит 2010 година

Препознатлив сте по фудбалот и атлетиката, кои други спортови ги имате коментирано и дали можеби некој ви остана неостварена желба?

Како телевизиски коментатор, спортот за првата моја афирмација беше ракометот. Беше вистинско уживање да се работи во ерата на  светските и олимписките титули на југословенската репрезентација, подоцна на репрезентацијата на Македонија, заедно со извонредните клупски дострели на Пелистер, Вардар и Кометал. Следниот предизвикувачки чекор беа кошаркарските преноси исто така во „златното време“. Неодминливи беа и зимските спортови, алпското скијање и скијачкото трчање. Сепак магијата на фудбалските преноси е најсилна, а тежината на атлетските преноси е за мене најинспиративна. 

СП Германија 2006

Како ви тече една подготовка за пренос и кои информации се најважни? Што бараат гледачите?

Подготовката за преносите е перманентна. Мора постојано да се следат настаните. Мојата непосредна подготовка за пренос трае десетина часови. Коментаторот пред да влезе во преносот, треба да има барем еден податок повеќе од телевизискиот гледач. Што бара гледачот од нас? Следење на динамиката на натпреварот, пулсот на актерите, правовремен и точен податок и пред се објективност. 

Спортско радио 1980 година

Раскажете ни го почетокот во новинарската кариера, кои ви беа првите колеги и уредници од спортската редакција, и дали како млади спортски новинари добивавте помош и насоки пред да влезете во пренос?

Со 22 години влегов во возбудливиот свет на спортското новинарство во Радио Скопје во 1975 година. Уредник на редакцијата беше Бранко Давидовски, а во новинарската едукација „под свое“ ме зедоа Ивко Панговски, Гоце Сипковски, Зоран Јордановски, Александар Стиков, Љупчо Димитровски, Љупчо Стефковски. На почетокот, во репортерскиот оган влегував задолжително со поискусен колега, чие искуство беше драгоцено. Кога „дресот“ на Радиото го заменив со Телевизискиот, започна коментаторската надградба покрај извонредниот ментор Никола Солдатов. Подобар ментор тешко е да се замисли. Секако  и поддршката на старите асови Атанас Костовски, Иван Мировски, Зоран Михајлов... 

Пренос од скијање во Маврово

Како се подготвувавте за пренос кога немаше интернет?

Се беше многу различно и посиромашно во однос на времето сегашно. Нашиот „Интернет“ беа  дневните весници, сервисот на „Танјуг“! Секој во редакцијата водеше своја документација за спортовите кои ги коментира. Моја задолжителна литература беа „Спорт“, Спортске новости“, спортските ревии „Темпо“ и „Ес-Ен ревија“, подоцна и „Кош“, „Рукомет“, „Лајхатлетик“ и „Ски гајд“, годишни специјализирани изданија за атлетика и алпско скијање...Обично најделикатната работа беше да се дојде до состав на екипите за преносите, кои се работеа од студио. Тоа беше жива мака со вртење на телефони и потребна голема среќа да се јави некој од стадионот или салата каде што се игра натпреварот. Но, умниот Солдат велеше: „не се жалете, гледачот не го интересира  дали имаме состав или не, тој од нас очекува добар пренос.“ 

Тимот на МТВ на ЛОИ Сиднеј 2000

Кога ќе се вратите од некој Мундијал или Олимписки игри, ви паѓа ли мотивацијата кога треба да коментирате меч од македонска лига со 200 гледачи?

Не е сеедно! Пред празни трибини е неодминливо малото деморализирачко чувство . Во последниве години со многу преноси од Македонската фудбалска лига, некако ми стана навика да работам во таков амбиент и се обидувам целосно да се фокусирам на очекувањата на гледачите, кои се покрај малите екрани и да им ги пренесам случувањата на теренот. 

Со Владимир Богоевски на Медитерански игри во Сплит, 1979 година

Сте имале ли некоја непријатна случка во живо, на пример да ви се расипе микрофонот или да ви фрлат петарда?

Условите за работа на нашите стадиони и сали се главно несоодветни. Главно коментаторските места се поставени меѓу гледачите, кои настаните на теренот ги манифестираат на свој начин. Често се испречени пред коментаторското место, па спасот е мониторот. При толку преноси, нормално е да има разни згоди и незгоди. На Светското првенство во ракомет во 1990 година во ЧССР, на мечот од „судбинска важност“ меѓу Југославија и ДДР откажа напојувањето на сите коментаторски позиции, а мене „ме спаси“ инсталираниот телефон на колегата од исландската телевизија, кој требаше да го работи следниот натпревар. Само јас мечот преку телефон го одработив до крај! Колегата од Исланд доби дупло виски, а телефонската сметка ја плати неговата  телевизија. Половина од Свеченото отворање од Олимписките игри во Пекинг со колегата Сидоровски го работевме со мобилен телефон, бидејќи „врските со Скопје беа во прекин“. Сметката ја плати Сидор! Најкритично беше на финалето од Купот на Македонија во ракомет во 1994 година кога се запали и целосно изгоре салата во Прилеп. Коментаторското место и главната камера на МТВ на која работеше Мирче Палаханов, беа поставени на врвот, во последниот ред. Закрчени излези, чад, паника меѓу гледачите... салата ја напуштивме последни, на неполна минута пред да се урне кровната конструкција.

Интервју со Мишел Платини

Со кои светски познати спортисти сте правеле интервју и кое ви е најдраго?

Неколку имаат посебно место! Со Мишел Платини, со Сергеј Бубка, со Владе Дивац, со Колин Џексон... 

Меси или Роналдо?

Тоа се две „Страдивариус“ виолини, во чиј звук уживам!

Со Дејли Томпсон, поранешен светски првак во декатлон

Панчев или Пандев?

Го знаете одговорот!

Карл Луис или Усеин Болт?

Може ли да се споредуваат  „Ферари“ од 80-тите и „Ферари“ од новиот милениум? Секое во свое време недостижни!

Со Карл Луис

Што сакате најмногу да гледате од спорт кога не сте на пренос?

Снукер!

Наредната година одбележувате 40 години спортско новинарство, ви се оди ли во пензија за на раат да гледате фудбал без да се спремате за коментирање или микрофонот тешко се напушта?

Имам уште две години до крајот на работниот век, а тоа е  „бескрајно“ долг период со уште многу програмски предизвици. Дозволете ми на ова прашање да ви одговорам  во мај 2017-та година.

Со Зоран Михајлов и Горан Милковски

Ако треба да изберете тројца славни поранешни фудбалери со кои би коментирале фудбал, освен Панчев кои би биле останатите?

Со Методија Спасовски, со Петар Шулинчевски, со Васил Рингов.

Кој ќе биде новиот Златко Калински?

Од спортската редакција на МТВ! Имам прекрасни помлади колеги, извонредни професионалци!

5 декември 2014 - 13:13