
Односот на САД со Кина треба да се разбере во контекст на светскиот капиталистички систем. Акумулацијата на капитал на државите од Глобалниот Север зависи од евтината работна сила и ресурси од периферијата на Глобалниот Југ. Овој аранжман е клучен за високиот профит на мултинационалните фирми кои доминираат во глобалните синџири на снабдување. Разликата во цените со периферијата му овозможува на јадрото да присвои поголема вредност преку нееднаква размена во меѓународната трговија.
Уште од 1980-тите, кога Кина се отвори за западните инвестиции и трговија, таа стана клучен дел од овој аранжман, обезбедувајќи извор на евтина, висококфалификувана и продуктивна работна сила. Според истражување на економистот Доналд А. Клеланд, доколку Apple им дава „американска“ плата на работниците во Кина и во Источна Азија, тоа би ја зголемило цената на iPad во 2011 година за 572 долари.
Но, во текот на изминатите две децении, платите во Кина драматично се зголемија. Во 2005 година трошоците за работна сила во Кина беа 1 долар на час, помали отколку во Индија. Сега се над 8 долари на час, а во Индија се 2 долари. Вишокот работна сила се апсорбираше во економијата, а државата ја зголеми улогата во економијата, ги зајакна системите за социјална безбедност, јавното здравство и домувањето, што уште повеќе ја подобри положбата на работниците.
Ова се позитивни промени за кинеските работници, но и сериозен проблем за западниот капитал. Повисоките плати го ограничуваат профитот на западните фирми што имаат погони во Кина или зависат од кинеското производство.
Другиот проблем за капиталистичките земји е тоа што порастот на платите и на цените во Кина ја намалува нејзината ранливост од нееднаква размена. Во 1990-тите Кина мораше да извезува многу стоки за да може да си го дозволи неопходниот увоз. Денес овој однос е многу помал.
Капиталистите сега очајно сакаат да направат нешто за да го вратат својот пристап до евтина работна сила и ресурси. Една опција е преместување на индустриското производство во други делови од Азија каде што платите се поевтини. Другата опција е да се издејствува намалување на кинеските плати. Оттука обидите на САД да ја поткопаат кинеската влада и да ја дестабилизираат кинеската економија, дури и преку економска војна и постојани закани од воена ескалација, забележува професорот Џејсон Хикел, член на британското Кралско друштво за уметност.
Вториот елемент што го поттикнува непријателството на САД кон Кина е технологијата. Пекинг му даде приоритет на технолошкиот развој во стратешките сектори и во изминатата деценија постигна извонреден напредок. Кина сега има најголема мрежа за брзи железници во светот, произведува сопствени комерцијални авиони, лидер е во технологијата за обновлива енергија и електричните возила, има напредна медицинска технологија, микрочипови, смартфони и вештачка интелигенција. Кина ова го прави со речиси 80% понизок БДП по жител во споредба со просечните „напредни економии“.
Технолошкиот развој на Кина ги разби западните монополи и им конкурира на светскиот пазар со стоки по попристапни цени. САД одговорија со санкции за да го осакатат технолошкиот развој на Кина, но тоа само ги зголеми стимулациите од Пекинг за развој на суверени капацитети.
Откако ова оружје беше претежно неутрализирано, САД прибегнуваат кон воено потпалување, чија главна цел е да се уништи индустриската база на Кина и да се пренасочат инвестицискиот капитал и производствените капацитети кон одбрана. САД сакаат да војуваат со Кина не затоа што Кина претставува некаква воена закана за Американците, туку затоа што кинескиот развој ги поткопува интересите на империјалниот капитал, вели Хикел.
Западните тврдења за Кина како воена закана се чиста пропаганда. Воените трошоци на Кина по жител се помали од глобалниот просек и се десет пати помали од оние на САД. Пекинг нема воена моќ да ја наметне својата волја врз светот на начинот на кој го прават тоа западните сили. Има само една воена база во Џибути. САД од друга страна, имаат стотици воени бази низ светот вклучувајќи две големи до Кина – во Јапонија и Јужна Кореја. Кина повеќе од 40 години не испукала ниту еден куршум во меѓународна војна, а во тоа време САД извршиле инвазии, бомбардирања и насилни промени на режими во повеќе од десетина земји од Глобалниот Југ.
Вистинската причина за западното поттикнување војна е затоа што Кина постигнува суверен развој и ова го поткопува империјалниот аранжман од кој зависи акумулацијата на западниот капитал. Западот нема да дозволи глобалната економска моќ да му се лизне од рацете толку лесно, заклучува Хикел.