Долгиот студен период без ветер веќе ги крена цените на струјата во Финска на двегодишен максимум. Според енергетската берза NordPool, просечната дневна цена на електрична енергија на големо во Финска била 247 евра за мегават-час, а во шпицот достигнувала 351 евро.
Ситуацијата е слична и во балтичките земји, каде што при крајот на јануари цената на струјата била 204 евра, двојно повисока отколку во Германија.
Ветерните централи оваа недела работеа со мал дел од инсталираниот капацитет, откако температурите се спуштија на минус 20 Целзиусови степени во регионот Остроботнија во западна Финска, каде што се полињата за генерирање струја од ветер.
Поголемиот број од ветерниците во Финска немаат вграден систем за греење на лопатките, поради што се создава мраз кој ја блокира ротацијата. Приближно на висина на лопатките на турбините има ниски облаци од магла кои формираат нов мраз. Дури и тенок слој мраз нагло ја намалува ефикасноста на турбините и може да ја оштети опремата, поради што операторите го прекинуваат производството како мерка на претпазливост, објаснува индустрискиот консултант Пија Исолахтенмаки.
Инсталирањето на греењето на лопатките не е задолжително, ниту пак операторите се обврзани да регистрираат дали турбините се опремени со него.
Ледениот период ја открива клучната ранливост на плантажите на ветерните електрани во северна Европа. Температурите во јужна Финска се спуштија до минус 31,5 Целзиусови, а во Лапонија преку ноќ се движат од 30 до 35 степени под нулата. Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF) предупредува дека невообичаено ниските температури со недели ќе се задржат низ Финска и нордиските земји. Се очекува просечните температури до средината на февруари да бидат за 7 степени под 30-годишниот просек.
Метеоролозите во MetDesk очекуваат во овој период вкупното производство на енергија од ветер во нордиските земји да остане дури 20% под нормалното ниво.
Со напуштањето на рускиот гас, балтичките држави и Финска се претворија во енергетски агол на Европа и целосно се зависни од снабдувањето со течен природен гас. Во студени периоди, тие плаќаат најскап гас во целата Европска Унија, забележува локалниот портал EADaily.
И источните региони на САД во јануари беа погодени од историски студен бран, но со зголеменото производство на енергија од фосилни горива беше спречен колапс на електричната мрежа.
******
Види и: Јагленот ги спаси Американците од студот