Силната зимска бура ја покажа виталната улога на јагленот и природниот гас во поддршката на енергетската мрежа преку обезбедување стабилна основна енергија кога ветерните и сончевите извори не произведуваат доволно.
Невремето Ферн со бран широк 3.000 километри предизвика прекини на струја во многу делови од југот на САД, североистокот остана под длабок снег, а другите области трпеа мраз и поларни температури.
Поради дрвја што пукале од мраз и оштетени далноводи имало над 800.000 прекини на електрична енергија – дури 229.000 во сојузната држава Тенеси, 152.000 во Мисисипи и 113.000 во Луизијана. Погодени биле и Тексас, Кентаки, Јужна Каролина, Џорџија и Вирџинија.
За да се обезбеди стабилност на мрежата, министерот за енергетика Крис Рајт издаде итни наредби за операторите на електричната мрежа на Средниот Атлантик, Нова Англија и Тексас да ги користат своите ресурси за производство на енергија без оглед на еколошките ограничувања или државните закони. Тексашкиот оператор ERCOT доби наредба да ги вклучи резервните генератори во центрите за податоци за да ја растовари мрежата.
Политиките на претходната администрација за кратење на традиционалните извори на енергијата ја ослабнаа мрежата, оставајќи ги Американците ранливи на екстремно невреме како зимската бура Ферн, изјави Рајт.
PJM Interconnection - најголемиот оператор на електрична мрежа во САД, објави дека во понеделникот термоцентрали на гас обезбедиле 41% од вкупната произведена енергија. Од нуклеарни централи биле добиени 27%, а од централи на јаглен 24%. Обновливите извори, како ветерот и сончевата енергија, обезбедиле под 5% од струјата.

За споредба, производството на струја во ветерните централи во саботата паднало на 2.142 мегавати, во соларните централи на 2.372 мегавати, од термоцентрали на јаглен биле добиени 10.400 мегавати, а струјата произведена од гас достигнала сезонски максимум од 55.655 мегавати.
Иако му е намалено учеството во целокупниот микс на ресурси, јагленот продолжува да игра важна улога во задоволувањето на побарувачката за време на екстремни временски настани. Залихите на генератори на гас и нафта ги намалуваат ризиците во регионите со ограничена инфраструктура, соопшти Северноамериканската корпорација за електрична сигурност (NERC).
Кризите како Ферн ги поткрепуваат повиците за постепено зајакнување на енергетските капацитети на фосилни горива, по долгиот период на промовирање на обновливите извори.
Прифатлива енергија. Сигурност на мрежата. Сè од американски јаглен, објави Здружението за јаглен на Западна Вирџинија.
******
Види и: Затемнувањето на Шпанија не беше од технички, туку од стратегиски курцшлус