Преписки со нормални читатели

Пратил човекот текст за нашиве „Писма на читатели“, вели му дошло да си каже што му е на душа. Напишаното разумно и писмено, само што, на тема на општово срање во кое се наоѓаме долго и предолго. Па како тој гледа на работите...

Сепак се движи

 

Драг Б.,

Во многу работи се согласувам со погледите од твоето писмо кое е питомо и разумно.

Од друга страна, една од причините кои нè доведоа до ова дереџе е сè поголемата и помалигна опседнатост со политиката. Сè повеќе луѓе, сè помалку се бават со своите животи (и својот придонес ем за своето ем за опшото добро) а сè повеќе со гео-стратегии, анализи и надмудрувања. Сите од некаде горе (без разлика дали тоа горе им е Бихаќка, Брисел или Пентагон) чекаат некаква ‘финална’ разрешница. Во меѓувреме чешмите им капат, лошо паркираат, забораваат на децата додека се караат по кафани.

Вреди човек да размислува за сето тоа што го имаш во писмото. Се разбира, тоа го правам и јас. Игнорирањето би било смешно исто како онаа тактика на ноевите.

Само што, кога таа дисциплина станува општа и сама на сцената (покрај кладилниците), се губи некако смислата.

Ззатоа и инсистирам на сајтот со различни теми и пристапи од остатокот мк сајтови. По мое, цивилизациска (ако сакаш и патриотска) обврска на мојот сајт е да го чуваме и славиме шаренилото на светов и нашите животи.

И ќе терам така дур можеме, дур сите не сме станале војници или генерали.
Само затоа - не.

со почит,
Трендо

****

Многу ме радува што така размислуваш и работиш.

Впрочем, твојот сајт ми е како мала оаза на нормалноста па понекојпат го отварам на 5 минути како да се плашам да не останам отсечен од здравиот разум.

И извини за мојата моментална слабост пред оваа презаситување на сетилата.

Доколку можам некако да помогнам со мојата стручност во информатика и наука, или со моето искуство тука во Германија и белиот свет, ти стојам на располагање.

Секое добро,
Б.

******

 

8 март 2017 - 15:15