Историска вечер во Охрид, прва европска титула крај езерото!

Ракометарите на Охрид се нови шампиони во ЕХФ Европскиот Куп откако и вечерва во реваншот во Охрид ја совладаа унгарска Татабања 31-25! Пред преполни трибини, пред повеќе од 4.000 гледачи Охриѓани одиграа во транс од прва до последна секунда. Јунак Јапонецот Јасухира со 9 гола.

Македонскиот ракомет одново доживува најсреќни моменти откако вечерва трофејот од ЕХФ Европскиот Куп остана во земјата. По ланскиот историски успех на РК Алкалоид, вечерва Охрид го крена истиот пехар.

Со сите победи сезонава во ЕХФ Европскиот Куп и само еден пораз против словенечки Целје, Охриѓани заслужено се закитија со прво европско одличје. Против побогатиот ривал, унгарска Татабања која беше прв фаворит за освојување на овој трет по ранг турнир во европскиот клупски ракомет.

Сините имаа огромна поддршка од трибините, архитектот Борис Ројевиќ ја спои целата сложувалка и на крајот заслужена и убедлива победа на сините кои од година во година стануваат сè посилни.

Стартот беше одличен за домаќините. Хрватскиот голман Пилиповиќ одбрани зицер а во брза контра Јагуриновски го отвори резултатот 1-0.

Од тој момент Охрид наметна висок ритам и поведе 7-4 после што гостите свикаа прв тајм-аут на барање на тренерот Едмонд Тот. Мала деконцентрација го чинеше Иванковиќ црвен картон и мораше на трибините. На негово место во игра влезе Талески кој одлично го замени исклучениот соиграч.

Во тој период од играта блескаше гостинскиот голман Ариан Андо кој до 25 минута собра дури 10 одбрани! На паузата Охрид водеше 12-11. Се бранеше плус од 1 гол од првиот натпревар, но предноста во ниту еден момент не беше доведена во прашање.

А вториот дел беше за ракометни учебници. Избраниците на Борис Ројевиќ, во прв ред Јапонецот Јасухира играа во делириум. Кај гостите играше некогашниот македонски репрезентативец Филип Талески кој беше исклучен по трет пат и мораше на трибините во 48' минута.

На крајот предноста на Охрид растеше од напад во напад, Јасухира решеташе и победникот беше јасен. Клубот крај Охридското езеро ја слави првата европска титула!

Најдобар играч на средбата беше Јасухира со девет гола. Словенецот Тилен Стрмљан додаде шест гола, Томислав Јагуриновски 4 а Дарко Ѓукиќ два. Огромен удел во историската титула имаше хрватскиот голман Пилиповиќ кој запиша дури 13 одбрани. Тој во голем стил ја завршува сезоната и настапите за Охрид зошто по крајот заминува во швајцарскиот шампион Криенс.

Кај Татабања Бенсе Краковски постигна четири гола.

На патот до трофејот Охрид совлада сериозни ривали и со 11 победи на 12 натпревари стигна до пехарот. По ред пред „гладијаторите“ паѓаа Баку од Азербејџан, Слога Добој, Дукла од Чешка, грчки Олимпијакос, словенечки Целје и унгарска Татабања.

31 мај 2026 - 21:48