Новата Стратегија на САД предупредува:

Политиката на ЕУ за мигрантите ќе ја збрише европската цивилизација

Администрацијата на Доналд Трамп ја обвинува ЕУ дека со својата миграциска политика ќе предизвика неизбежно целосно културно распаѓање во Европа. Во новата Стратегија за национална безбедност на САД се забележува дека економските проблеми на Европа се ситни во однос на реалната перспектива за цивилизациско уништување во следните неколку децении.

Големите проблеми со кои се соочува Европа се активностите на Европската Унија и други транснационални тела кои ја поткопуваат политичката слобода и суверенитет, миграциски политики кои го трансформираат континентот и создаваат конфликти, цензура на слободата на говорот и потиснување на политичката опозиција, намалување на наталитетот и губење на националниот идентитет и самодовербата, се вели во документот од 33 страници.

Новата безбедносна стратегија на САД идеолошки се поклопува со платформите на десничарските партии во Европа, чии изборни програми се базираат на критики кон ЕУ и барања за ограничување на миграцијата.

Америка ги охрабрува своите политички сојузници во Европа да го промовираат ова оживување на духот. Растечкото влијание на патриотските европски партии навистина дава причина за голем оптимизам, се наведува во стратегијата.

Во документот, исто така, се предупредува дека елитите планираат да ја намалат гласачката моќ на белите Европејци со отворање на вратите на нивните земји за имиграција од африканскиот континент.

„На долг рок, повеќе од веројатно е дека најдоцна за неколку децении, мнозинството во одредени членки на НАТО ќе биде неевропско“.

Документот е ретко формално објаснување на погледот на Трамп кон надворешната политика. Ваквите стратегии, кои претседателите обично ги објавуваат еднаш во секој мандат, можат да помогнат во обликувањето на тоа како делови од американската влада ги распределуваат буџетите и ги поставуваат политичките приоритети.

Во воведната белешка, Трамп ја нарекува стратегијата „патека за да се осигури дека Америка останува најголемата и најуспешната нација во човечката историја и дом на слободата на земјата“.

Администрацијата на Трамп признава дека „Европа останува стратешки и културно витална за САД“. Се нагласува дека во интерес на Америка e војната во Украина да престане, со цел, меѓу другото, да се врати „стратешката стабилност“ со Русија. Американската администрација тврди дека „нестабилните малцински влади“ во Европа имаат нереални очекувања за војната, алудирајќи дека го попречуваат мировниот процес.

5 декември 2025 - 16:52