Ширењето на зелените површини драматично го променил водниот циклус во Кина, зголемувајќи ги и испарувањата и врнежите. Резултатите од ново истражување покажале дека дел од водата е „изгубен“ во атмосферата, но се забележува дека ветровите можат да ја пренесат водата и до 7.000 километри од изворот на испарувањето.
Во периодот помеѓу 2001 и 2020 година, промените во вегетациската покривка ја намалија количината на свежа вода достапна за луѓето и екосистемите во источниот монсунски регион и во северозападниот сушен регион, кои заедно сочинуваат 74% од копнената површина на Кина. Во истиот период, достапноста на вода се зголемила во регионот на Тибетската висорамнина во Кина, која ја сочинува преостанатата копнена површина, објаснува коавторот на студијата Ари Стал од Универзитетот во Утрехт.
Ова има важни импликации за управувањето со водите, бидејќи водата во Кина е веќе нерамномерно распределена. Северот има околу 20% од водата, но е дом на 46% од населението и 60% од обработливото земјиште.
Два главни процеси ја движат водата помеѓу копното и атмосферата - евапотранспирацијата (испарувањето од водените површини и од почвата) и врнежите. Тревата, и особено шумите ја зголемуваат евапотранспирацијата, бидејќи дрвјата со длабоки корени пристапуваат до вода во сушни моменти.

Најголемиот проект на Кина за садење дрвја е Големиот зелен ѕид, кој почна во 1978 година за да го забави ширењето на пустините. Во текот на последните пет децении, тој помогна да се зголеми шумската покривка од околу 10% од површината на Кина во 1949 година на повеќе од 25% денес - површина еквивалентна на големината на Алжир. Минатата година, владини претставници објавија дека земјата завршила со опкружувањето на својата најголема пустина со вегетација, но дека ќе продолжи да сади дрвја за да го држи процесот под контрола.
Програмата Жито за зелено, која почна во 1999 година, ги поттикнува земјоделците да го претворат земјоделското земјиште во шума и тревни површини, а Програмата за заштита на природните шуми забранува сеча на дрвја и го промовира пошумувањето. Заедно, иницијативите за реставрација на екосистемите во Кина сочинуваат 25% од глобалното нето зголемување на површината со лисја помеѓу 2000 и 2017 година.
******
Види и: Кина запре пустина голема колку Германија