Ако имам добро сфатено, тоа стана сериозно прашање, онаа работа со суспензијата на Трамп на светските социјални мрежи. Откако своите приврзаници ги мобилизираше за напад на Конгресот на 6 јануари и обидот за заведување на она што ние на Балканот би го нарекле „Шестојануарска диктатура“, прво Твитер па потоа Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб, Редит, ТикТок, Шопифај, Снепчет, Пинтерест - сите водечки интернет платформи ги заклучија профилите на уште актуелниот претседател на САД.
А водечки умови од светот и од нашите мали паланки оттогаш живо и жолчно расправаат дали забраната на објавување на кратките пораки на Твитер е она што нашата политички коректна култура го вика општествена одговорност, или пак се работи за - цензура.
Така, добрата, стара цензура се врати во нашите животи; уште од Советскиот Сојуз и југословенските идеолошки комисии, таа не ни била тема. Во еден фантастичен историски пресврт, триесет години после комунистичкиот СССР, со точно истото објаснување со кое озлогласените советски цензори ги замолкнуваа дисидентите, „за поттикнување на насилно уривање на уставниот поредок“, огромните капиталистички мултинационални корпорации денес го замолчуваат претседателот на Соединетите Американски Држави!
Овој свет, се чини, испадна многу полуд отколку што некој тогаш можеше да замисли. Џорџ Орвел опиша сè убаво и прилично точно во тоа време, и 1984 година, и поеднаквите меѓу еднаквите и Министерството за вистината и Големиот брат кој нè гледа од големите екрани, но ни тој не можеше да замисли дека Министерството за вистината, во 2021 година ќе го исклучува каналот на - Големиот брат.
Вистина, ќе се јави срамежлив глас на разумот што ќе праша: како побогу светот функционираше пред социјалните мрежи, како американските претседатели објавуваа војни пред Твитер? На социјалните мрежи, @realDonaldTrump е само еден од неколку милијарди корисници со лозинка за Твитер или Фејсбук, но во реалниот, физички свет, тој е единствениот корисник на ковчежето со шифри за лансирање интерконтинентални нуклеарни ракети.
Кога, да речеме, нас анонимните смртници без шифра за нуклеарни ракети, алгоритмот на Фејсбук нè суспендира заради величање на нацизмот, затоа што сме објавиле заебанција за Хитлер - или пак само сме објавиле непристојна слика од домашен компир кој изгледа како пар женски цицки - ние не можеме да свикаме прес конференција и да сметаме на ударен термин на Си-Ен-Ен и на насловната страница на Њујорк Тајмс. Кога нас нè цензурираа, нешто слабо се зборуваше за цензура: за неа почна сериозно да се дискутира дури кога еден од нас неколку милијарди - згора на тоа, можеби најголемиот кретен меѓу нас - ги повика своите следбеници да упаднат во Конгресот на САД.
Цивилизација во која слободата на говорот и мислата станаа тема само откако жртва стана зборот и мислата на најмоќниот кокошкар во целата историја на светот, веројатно не заслужуваа ништо подобро од ова. А сепак, слободата е универзална вредност: еден од нас на социјалните мрежи, Доналд Трамп, подеднакво го дели со нас просторот на заедничката слобода. Пред триесет години, далеку пред Твитер и Фејсбук - старите ќе се сетат - потпишувавме петиција за да му се овозможи таква слобода на Војислав Шешељ, во тоа време прогонуван југословенски дисидент. Дали би ја потпишале денес? Одговорот на тоа прашање е релативно едноставен тест за слободата за која зборуваме.
Оттука, клучното прашање е: за каква слобода ние всушност зборуваме?
Просторот на слобода што некогаш го споделувавме со Шешељ беше заедничко, јавно добро, комунална катастарска единица: во зависност од регулирањето на правилата на тоа јавно добро, го разликувавме крутиот комунистички Советски сојуз од еднопартиската, но полиберална Југославија, како и и либералната, но еднопартиска Југославија од демократскиот Запад и митолошки слободарските САД. Тоа јавно добро - тој простор на слободата - денес е приватна парцела: социјалните мрежи и интернет-платформите се 100% сопственост на могули од Силиконската долина, мозолкасти деца кои до синоќа смислуваа апликации за споделување компири во форма на женски цицки а денес го замолчуваат претседателот на најголемата светска велесила.
Дали тогаш, со принципиелно и праведнички кревање на гласот за слобода на говор на Доналд Трамп - сметајќи го заклучувањето со оглед на заклучувањето на неговиот Твитер профил како цензура - ние всушност прифативме приватните парцели на интернет-монополистите да бидат просторот на нашата слобода? Или пак, на таа величествена измама наседнавме многу порано, радосно отворајќи ги нашите профили, грозничаво кликнувајќи на секое „Да“, „Прифаќам“ и „Поднеси“, нетрпеливо кон широките полиња на слободата прескокнувајќи ги сите оние мали букви од делот „Услови за користење"?
Во суштина, цензурата на Доналд Трамп - или кој било дебил кој, да речеме, става свастика на Фејсбук - е всушност комплетно истата работа како кога оној бесрамно богат арапски шеик, од Ферари доби трајна забрана за купување нови модели затоа што со пресвлекување на своите нови автомобили со златни ливчиња и Сваровски кристали, покажуваше непочитување на брендот Ферари и правилата на игра. Па сепак, немаме чуено дека таа забрана е загрозување на човековите права на шеикот.
Ако пак, тоа е тоа, ако гаснењето на сметката на Трамп на социјалните мрежи е цензура, ако слободата е онаа парцела под концесија и монопол на стартап клинци кои смислуваат нови нивоа за Crush Candy, значи само уште еден производ од шарената понуда на ИТ компаниите и телекомуникациските гиганти , и ако целата слобода на нашиот свет е тој тесен прозорец за двесте осумдесет карактери на Твитер - ако наместо Имануел Кант таа слобода ни ја толкува правна фирма со четири презимиња од некоја стаклена кула во Њујорк - јас, благодарам за понудата, од таа слобода, со радост се отпишувам.
Ако дозволуваат „условите на користење“ на сајтот - јебала ве таквата слобода.