Чии се златните резерви на Италија, на Банката или на народот?

Пратениците од десничарската коалиција на Џорџа Мелони вршат притисок златните резерви на Италија да бидат прогласени за „сопственост на италијанскиот народ“, а не на Централната банка. Тоа не значи дека Италијанците преку ноќ ќе се збогатат, туку дека владата ќе може да го продава златото за да ги затне дупките во буџетот и да ги плаќа долговите.

Златните резерви на Италија од 2.452 тони се трети според големина во светот, по оние на САД и Германија. Со порастот на глобалните цени, пазарната вредност на овие резерви надмина 285 милијарди евра. 

Златото е во сопственост на Централната банка на Италија, која го чува заради зголемување на довербата во финансиски систем и во еврото. Но, пратениците од партијата Браќа на Италија на Мелони вршат притисок да се додаде одредба во претстојниот закон за буџет со која ќе се прогласи дека „златните резерви му припаѓаат на народот, кој ги доверува на Централната банка да ги чува и управува“.

Чувствуваме потреба да разјасниме дека златото е плод на трудот на нашиот народ. Тоа злато отсекогаш било сопственост на народот на Италија, изјави сенаторот Лусио Малан.

Прашањето кој ги поседува златните резерви на Италија е преокупација на десничарските партии во Италија уште од реорганизацијата на структурата на Банката на Италија пред една деценија со која финансиските институции, вклучувајќи ги и приватните кредитори, станаа номинални акционери во централната банка. 

Мелони во говор пред парламентот во 2014 година, долго пред да стане премиерка, се пожали на „експропријациите на монетарната сувереност“ на италијанскиот народ и инсистираше дека под никакви околности златото на Италија не треба да биде допрено од новите сопственици на централната банка.

Во 2019 година, кога крајно десничарската партија Лига предложи да се претвори Банката на Италија банка во обичен чувар на златните резерви на земјата, Европската централна банка предупреди дека тоа би ја заобиколило забраната за монетарно финансирање и би претставувало кршење на договорите на ЕУ. 

Коментирајќи ја новата дебата, економисти предупредуваат дека промената на сопственоста би ѝ овозможила на италијанска влада сега или во иднина да продава злато за да отплати дел од огромните долгови или да ги пополни буџетските дупки за здравството или образованието.

Системското намалување на нивото на златни резерви за олеснување на јавните финансии е исто како да му кажете на светот: стигнавме до точката каде што мора да го продадеме нашето злато затоа што немаме други ресурси, предупредува Салваторе Роси, поранешен генерален директор на Централната банка.

Малан инсистира дека јавната сопственост на залатото е „принципиелно прашање“.

Во Италија е евидентирана сопственоста на секоја недвижнината, секој автомобил, секој брод. Не треба ли истото да се направи и за имот вреден речиси 300 милијарди евра?, вели Малан.

2 декември 2025 - 09:39