Најпознатиот сатиричен извор на пара-вести The Onion до пред некое време беше во сериозна криза: го газеше времето. Медиумот кој се базира на заебавање со другите медиуми и нивните информативни шаблони остана некако без тло под нозете. Неговите главни извори на инспирација, медиумските гиганти од типот на Њујорк Тајмс и Вашингтон пост (и сите други по нив), ја сфатија играта, се сменија и ги прилагодија своите новинарски темплејти на новите интернет правила и навики, преземајќи го и хуморот и сатирата и лапни-голтни вестите и сето она што публиката денес масовно го сака а беше главната алатка на Кромидарите.
А нивниот главен парадокс е што од една страна живеат од исмејување на медиумската сцена, а од друга, преживуваат според истиот бизнис модел на таа сцена.
Но, денес The Onion e тазе редизајниран по сите модерни трендови во веб дизајнот (многу бело, долги наслови, бескрајно скролање) и згора на сè е полн со пари.
Главната приходна цака им беше воведувањето спонзорирани текстови. Тоа наоколу се вика branded entertainment, branded content, sponsored content, native advertising.... и по наши стандарди е малку преварантски. Тоа се содржини во кои се меша нивната цел, дали се тие за да ги забави луѓето или да рекламира компанија која платила за нешто. Се разбира, секоја од тие статии е обележана како спонзорирана а уредништвото на The Onion вели дека тоа не е "мамење, туку тренирање на публиката".
Таквите платени содржини се исто така напишани во духот на Кромидот и проаѓаат низ истата уредувачка филтрација и селекција. Луѓето велат дека нивниот медиум има долга анти-корпоративна историја па ретко кој се плаши дека со ваквиот потег ќе им биде налепена етикетата дека се продале.
Пред три години создадоа своја адвертајзинг агенција преку која денес генерираат 81 процент од вкупните приходи. Заедно со братските сајтови (базфидовскиот ClickHole и забавниот The A.V. Club) The Onion месечно го посетуваат 30 милиони луѓе. Компанијата планира да влезе сериозно и во видео продукција и да собира дополнителни инвеститори за што е сигурна дека нема да има проблеми.
За среќа, чувството за хумор и иронија го имаат задржано:
"Ние се грижиме единствено за адвертјзерите. Не ни чуе за читателите. Сакаме да се оптимизираме за оние кои се рекламираат кај нас и да им дадеме сè што сакаат. Сакаме да им дадеме полна контрола врз нашата страница и содржина. Дури после тоа, ќе ги оставиме читателите да прават што сакаат," вели еден од главните уредници во The Onion.