интервју

Тешко е да се сакаат луѓе, ама треба да се издржи

Човекот ги пишуваше сценаријата за филмовите "Убавите села убаво горат," и "Војна во живо," за серијата "Штрковите ќе се вратат," глумеше во "Убавите села...," во "Ние не сме ангели," ја режираше ТВ серијата "Сложни браќа" и ја напиша кафанската химна "Хаљиница боје лила." Човекот е Никола Пејаковиќ, кој со својот бенд "Гробовласници" на 21-ви март има концерт во Белград.

Иако по професија сте театарски режисер, иако сте глумеле во српски филмови, сте пишувале сценарија за некои од нив, во едно интервју рековте дека музиката е најискрениот дел од вас. Значи ли тоа дека низ музиката најдобро ја искажувате својата суштина?

Сакам да свирам, и би сакал и сега да можам да свирам, и сè додека можам. Љубовта кон гитарата отсекогаш била интензивна; музиката ја премина границата и стана озбилна работа. Премногу време и озбилност се вложени во неа за тоа да може да биде само некое хоби... Не знам кога човек најискрено зборува за себе, но, што и да прави, би требало да стои на една страна и за себе да зборува што е можно поискрено и поточно. Колку смее, и колку може да зграби. Во секој случај, компонирањето музика, составувањето на овие поп песни, е нешто што најмногу ми лежи, можеби и затоа е најискрениот дел од мене.

Вашиот бенд има исклучително креативно име - Гробовласници. Како дојдовте до идејата дека човекот е сопственик на гробот и што значи тоа дека тие се "точките кои нас нè одредуваат"?

Најважниот дел од животот е смртта, бидејќи тоа е преминување од еден свет во друг свет, оној кој не го познаваме. За да може квалитетно да живее, човек мора секој ден да размислува за смртта. Смртта е важна за животот. Тоа е мал парадокс, и од него е родено името. Името - Гробовласници, преставува мала шега во врска со она што луѓето го стекнуваат во текот на животот, што сè прават за тоа да го стекнат, а на крај си заминуваат како голтари. Сите овие богатства некој друг ги презема, или ќе се запалат, ќе изгорат, ќе ги снема. Останува само твојот дух, и сеќавањето на тебе останува да живее. Останува само она што душата го сработила за животот. И тоа е мојата единствена надеж.

Вашите песни изобилуваат со пцости, говорат за пороци. За која од своите песни сметате дека би била цензурирана ако настанеше на почетокот од втората деценија на 21-от век.

Моите песни не беа цензурирани, така мислам, само не беа пуштани. А која денес би била цензурирана - не знам. Знам дека некои работи не можат да ги пуштаат баш заради пцостите. Можеби постоела цензура, ама јас не бев на место на тие луѓе кои одлучуваа. Треба нив да ги прашате зошто не ги пуштале. Да сум јас на нивно место, јас би ги пуштал.

Зошто на српската музичка сцена денес не доминираат жанрови кои ќе критикуваат или ќе го доведат во прашање сегашниот државен систем?

А зошто би доминирале? Не е работа на музиката да ја критикува власта. Секоја власт е иста. Задача на музичарите е да свират, да зборуваат за работи кои се важни за душа, за нивната душа и душата и срцето на луѓето околу нив. И секој нека си ја работи својата работа.

Потпишани сте како сценарист на филмот "Убавите села убаво горат", кој се снимаше на само неколку километри од бојното поле, во тие кобни деведесетти. По што еден ден ќе ги памтиш овие 15 години од двеилјадитите?

На деведесеттите се сеќавам, а на првите години од овој век воопшто не се сеќавам. Мене деведесеттите ми се многу инспиративни, занимливи, драматични. Сепак, морам да признам дека не би сакал да се повторат, под никакви околности. Како што добриот политичар е невидлив и непознат политичар, така и доброто време е она време кое не го паметиме. Деведесеттите беа тешки и смртоносни. Меѓутоа мислам дека секој ден во суштина е ист. И секому му носи нешто друго. Важен е мигот во кој се наоѓаме, тој мора да биде обоготворен и полнокрвен. Ако е матен, сув и безбожен, тогаш секогаш е и само смртоносен, а никогаш живоносен.

Изгледа дека на Балканот љубовта кон својата држава се плаќа исклучително скапо. Некогаш нè разурнуваа војни, денес се соочуваме со одливот на мозоци. Што е потребно за да станеме народ кој нема да крева раце од сè?

Враќање кон Бога, ништо друго. Не гледам ни други причини за оваа ситуација, ниту друг лек. Православието е во основата на нашата држава и во срцето на нашиот човек. Тоа секогаш е со нас, само што ние го запоставуваме. Не мислам дека нам другите ни се виновни. Точно е дека нè боцкаа, работеа против нас, лажеа и се здружуваа во ескадроните на смртта, но мислам дека сами сме виновни за својата ситуација, како што секој човек е најголем непријател на самиот себе. Прашуваш дали би си заминал од тука? Би си заминал, бидејќи сум уморен од аматеризам, од глупости. Сите сме уморни. На секој нормален му треба изолација од простаклукот, примитивизмот, недостатокот на уреденост на системот. Се уривавме и ќе се уриваме сè додека не сфатиме што е постаро од старото. Меѓутоа, во тешки времиња најлесно е да се критикува. Тешко е да се сакаат луѓе. Можеби затоа и треба да се остане тука. Да се издржи.

via Nedeljnik

19 март 2015 - 17:08