Во ова радио интервју чичко Том, од неговата колиба-студио, кое го нарекува „Зајачка шепа" за да му носи среќа, раскажува, како некој поглавица покрај племенскиот оган. За новиот албум Bad As Me, дадаистите, звукот на кокошка на скара чие цврчење звучи точно како чкрипење на стар винил, и куп други работи, не пропуштајќи како секој алфа мажјак едно десет пати да повтори „како што вели жена ми", „Кетлин ме искара", „таа одлучи дека"..
Еве извадоци од интервјуто кое целото (45 минути) можете да го чуете подолу - не го пропуштајте моментот кога почнува да имитира куче.
За стареењето
Веројатно отсекогаш сум живеел испревртено бидејќи ги сакам работите кои ги немам. Жена ми всушност мисли дека имам синдром наречен Поле на извитоперување на реалноста (Reality Distortion Field). Тоа е како да сте на дроги, само што не е нешто од што можете да се извлечете. Синдромов е речиси постојана состојба. Тоа е нешто што самиот си го направив себеси. Како дете, сакав да бидам старец, бидејќи тие беа оние со големите приказни и кул облека. Сакав да бидам како нив. Сега веројатно сакам да си го земам тоа со мене и да се вратам назад во времето.
За соработката со Кит Ричардс
Нема никој на светот како него. Пишувавме песни некое време и тоа беше забавно. Никогаш не сум пишувал со никого друг освен со жена ми, и тоа беше и исклучително, и по малку застрашувачки на почетокот. Тој навистина ништо не памти а не ни запишува. Свирите така еден час и тој се дере од крајот на собата „Записничар!“. Се вртам околу себе и си викам „Записничар? Кој е тука записничар?“. Тој го повторува тоа, сега покажувајќи кон мене. Требаше да запишувам сè што ќе кажеме и ќе замислиме и ќе исвириме. Сфатив дека ни треба возрасен човек во просторијата.
За тоа да се биде татко
Сè уште има работи кои ако си музичар не ти помагаат во семејниот живот. Работи како „поправи го тушот", „запали го камионот", „донеси млеко". Нешта кои се секојдневни, но за нив не ти помага ако си музичар. Дури и музичките мисли се несоодветни и ти доаѓаат во лошо време во такви околности. Како еротски мисли во црква. Мораш да ги ишкаш од себе, затоа што тајмингот е погрешен.