Запознајте го Лери, најцитираниот мачор во светската наука

За да покажат како може да се манипулира системот на цитираност на научни статии (од којшто произлегува и кај нас славниот „импакт фактор“), двајца млади научници решаваат од еден симпатичен мачор да направат нобеловец. Не им требало многу. 

Според неговата биографија, Лери Ричардсон во 2024-та изгледал како млад математичар со потенцијал, со десетина научни трудови, цитиран повеќе од 130 пати во статии објавени во последните четири години. Проблемот - не само што Лери не е математичар, туку не е ни човек. Трудовите биле целосна бесмислица, а Лари всушност бил мачор. 

Идејата за ваквата местенка била на Рис Ричардсон, постдипломец по метанаука и компјутерска биологија и Ник Вајс од Универзитетот во Кембриџ. Сакајќи да покажат како (лесно) може да се манипулира со системот на цитираност од којшто зависат цели кариери и вработувања, тие имитирале методи за зголемување на цитираност што ги виделе рекламирани на Фејсбук (понудата била 10 долари по цитат). За само две недели целта им била остварена - научникот со меко крзно и голем апетит за тазе ослич станал најцитиран математичар во светот. 

Вајс и Ричардсон забележале дека лажните цитати кои помагаат во „бустање“ на статусот на истражувачите често доаѓаат од апсурдни трудови објавени на платформата Рисрчгејт, кои подоцна се бришат за да се сокрие трагата. Така дошле до идејата да креираат профил за Лери. За околу еден час направиле 12 лажни трудови потпишани од него и уште 12 што ги цитираат тие трудови, за да генерираат вкупно 144 цитати. Ги качиле на Рисрчгејт, а Гугл сколар автоматски ги внел во својата база. 

Иако профилот на Лери бил очигледно лажен, откривањето на вакви манипулации не е лесно. Истражувања покажале дека (во 2024) имало најмалку 114 Гугл сколар профили со сомнителни обрасци на цитирање. Компанијата тогаш тврдеше дека ќе ги подобри своите системи, но и денес манипулациите продолжуваат, а така ќе биде сè додека придобивките од нив (напредување, плата, проекти) ја надминуваат опасноста да се биде фатен. 

Дека нештата почнаа пред актуелниот подем на вештачката интелигенција покажуваат и претходни примери, од кои еден од далечната 2013, кога како што објави белградска „Политика“ група српски научници објавија тотално бесмислен текст во романско стручно списание од областа на металургијата (за тоа претходно пишувавме тука). Една година подоцна се откри дека шведски истражувачи во свои текстови постојано вметнувале цитати од песни на Боб Дилан (тука).

9 август 2025 - 10:02