Зошто слоновите не заболуваат од рак (а змиите да)?

Научниците одамна се фасцинирани од фактот дека слоновите ретко заболуваат од рак, иако според нивната физичка големина и долгото траење на животот би требало да се подложни на поголем ризик за ова заболување. За ваквиот парадокс има и посебен термин. 

Парадоксот на Пето е забележан феномен според кој инциденцијата на рак не е во корелација со бројот на клетки во еден организам. На пример, зачестеноста на појава на рак кај луѓето е многу повисока отколку кај китовите, и покрај тоа што тие имаат 1000 пати повеќе клетки од луѓето. Парадоксот е именуван според англискиот статистичар и епидемиолог Ричард Пето, кој прв го опишал во 1977. 

Во последната деценија, истражувањата откриваат генетски механизми што им овозможуваат на некои животни да му се спротивстават на ракот. На пример, слоновите имаат дополнителни копии на генот p53, кој предизвикува оштетените клетки брзо да се самоуништат (апоптоза).

Сега, два тима истражувачи имаат воспоставено до сега најголеми бази на податоци на појава на рак кај голем број рептили, водоземци, птици и цицачи. Првиот ти еволутивни биолози и генетичари работеле со зоо ветеринари и патолози за да соберат податоци за 16.049 животни по нивната смрт, од зоолошки градини во САД и Лондон. Вториот тим се фокусирал на зоолошките во Европа, со дата база од речиси 10.000 извештаи за над илјада видови. 

Притоа бројките укажуваат на тоа кои животни се особено отпорни, а кои се подложни на рак. Просечно, околу 5% од животните имале рак во моментот на смртта, но имало големи разлики: делфини, морски свињи и пингвини имале под 2%, додека малите ферети (припитомен европски твор) имале дури 63%.

Во европската студија, најниски стапки имале вид свињи (пекарији), домашни кози и патагонски мари (нешто како зајаци), а како групи – птиците и желките (под 1%). Некои змии, како и вид отровница (diamondback rattlesnake), имале изненадувачки високи стапки.

Истражувачите откриле дека кај некои животни отпорноста е поврзана и со губење на гени – на пример, оние што предизвикуваат воспалителна клеточна смрт (некроза), која е поврзана со агресивни тумори, а во исто време имаат засилени гени за апоптоза, „почиста“ форма на уништување на оштетените клетки.

Се покажало дека нема единствен механизам за спречување рак кај сите видови – природата развила повеќе различни стратегии. Овие сознанија би можеле да доведат до нови терапии за луѓе, како што е искористувањето на „слоновскиот“ p53 ген. Научниците сметаат дека допрва ќе се откриваат неочекувани животни со вредни биолошки механизми за заштита од рак.

12 август 2025 - 09:57