
При истражување на кратер со димензии од околу 300 метри западно од градот Перкинс во сојузната држава Луизијана било утврдено дека тој бил создаден од експлозија на масивно тело над површината, веројатно од огромно парче од комета. Екстремниот настан се толкува како доказ за теоријата дека пред околу 12.800 години нагли климатски промени збришале рана напредна цивилизација.
Кратерот бил скениран со современи инструменти за радиометриско датирање и електронска микроскопија, ласерски сензори ЛИДАР и софтвер со вештачка интелигенција. Експлозијата имала енергија да стопи камен во стакло и да предизвика нагли и големи климатски промени. Проценетиот период на експлозијата се поклопува со геолошките докази за ненадејно глобално заладување, што предизвикало изумирање на живиот свет.
Експлозијата на фрагментот од кометата имала разорна моќ еквивалентна на активирање десетици илјади нуклеарни бомби одеднаш. Катастрофата не била толку голема како ударот на кометата што ги збришала диносаурусите многу порано, но била многу посилна од онаа во Тунгуска во 1908 година или во Челјабинск во 2013 година.
Радиометриското датирање и електронската микроскопија потврдија дека стаклениот материјал пронајден во Луизијана датира од границата на помладиот Дријас, период обележан со нагло менување на климата и истребување на мегафауната, како волнените мамути и мачките со сабјести заби, тврдат авторот Греам Хенкок и докторот Алан Вест од Истражувачката група за комети.
Традиционалната археологија ја оспорува хипотезата на Хенкок од 2006 година дека цивилизацијата што исчезнала пред околу 13 милениуми поседувала напредни знаења за астрономијата, за формата и големината на Земјата и за навигацијата. Освен со геолошки докази, Хенкок го поткрепува своето тврдење со записи во египетската Книга на мртвите и со легендите за глобалните потопи.
Хенкок и Вест веруваат дека кратерот во Луизијана не бил и единствениот од блиската средба на Земјата со опашката на масивна комета. Други парчиња во истиот период експлодирале во различни региони – во денешна Сирија, Белгија, Чиле, па и на Антарктикот.
Тие се жалат дека нивните трудови постојано се отфрлаат, се блокираат, па дури и се повлекуваат од научните списанија.
Хенкок ги смета за очекувани оспорувањето од мејнстрим науката, особено кога се доведуваат во прашање воспоставените толкувања, ни останува убеден дека со доволно докази неговата теорија за античката историја на крајот ќе добие признание, дури и ако тој процес трае со децении.