На Мета ѝ простија данок од 3,3 милијарди долари

Фирмата на Закерберг дала привлечна понуда за изградба на огромен центар за податоци во рурална област во Луизијана – инвестиција од 10 милијарди долари, стотици нови работни места и нов далновод. Ќе добие многу повеќе – за почеток, простен данок од 3,3 милијарди долари. На домаќините ќе им се „оддолжи“ со поскапо домување и три пати повисоки сметки за струја.

Во јули 2024 година, комесарите во руралната област Ричланд Париш во Луизијана одобрија милијарди долари даночни олеснувања за компанијата Laidley, регистрирана во Делавер за проектот „Сукре“ - изградба на центар за податоци вреден повеќе милијарди долари, кој ќе отвори неколку стотици нови добро платени работни места за локалната заедница.

Се покажа дека Лејдли е всушност подружница на Мета - гигантот на Марк Закерберг вреден 1.600 милијарди долари, кој ги опфаќа платформите Фејсбук, Инстаграм и Вотсап. Мета му даде ново име на проектот – Хиперион и објави дека во него инвестира 10 милијарди долари. Ќе се протега на 2.250 хектари поранешно државно земјоделско земјиште. Закерберг го опиша како „толку голем што би покривал пола Менхетен“. Тој ќе биде само еден елемент од неколкуте „титански кластери“ од повеќе гигавати што компанијата планира да ги изгради за да ги напојува моделите со вештачка интелигенција Лама.

Според законот што по брза постапка поминал низ собранието на Луизијана, Хиперион во период од 20 години ќе биде ослободен од државни и локални даноци на продажба и користење на опремата на својот центар за податоци - вклучувајќи ги и графичките процесори.

Комбинираниот државен и локален данок на промет во Луизијана изнесува 9,56%. Според локалниот портал „Шервуд њуз“, Мета троши околу 35 милијарди долари за графичките процесори на овој центар за податоци. Ако тие купувања се оданочуваат, Луизијана би собрала повеќе од 3,3 милијарди долари, доволно за да се покрие полицискиот буџет на сојузната држава во период од седум години. 

Необичен е и договорот за откуп на земјиштето. Мета не можела со директен договор да ја купи основната парцела од 1.400 хектари директно, бидејќи државниот закон налага распишување јавна понуда. Затоа Мета склучила договор за кирија од 732.000 долари годишно, со опција да го купи имотот за 12 милиони долари пред да истече закупот.

Во замена, компанијата ветила дека ќе вложи 200 милиони долари за подобрување на локалната инфраструктура, 1 милион долари годишно за програмата за поддршка на даночните обврзници со ниски приходи и изградба на капацитет за генерирање 1.500 мегавати струја од обновливи извори, во партнерство со комуналната компанија.

Локалците веќе ги чувствуваат ефектите од новиот сосед. Просечната цена на домовите скокнала за 52% на годишно ниво, значително повеќе отколку во цела Луизијана (4,5%) и во САД (1,2%).

Мета нашла начин како да ги минимизира и обврските за отворање работни места. Со договорот всушност не е законски обврзана да ангажира локална работна сила. За изградбата на центарот ветила ангажирање на 5.000 квалификувани работници, а потоа се обврзала да задржи 300 до 500 оперативни работни места со полно работно време. Анализа на регионално влијание од непрофитната организација GrowNELA, покажува дека ќе има 326 нови работни места за локални жители.

Скриена измама е и инвестицијата на Мета од 470 милиони долари за изградба на далновод долг стотина километри за напојување на центарот со струја. Граѓанска група што се противи на проектот тврди дека центарот за податоци би можел да троши близу 20% од вкупната електрична енергија на целата сојузна држава во Луизијана.

Анализа на Блумберг покажува дека големопродажните цени на струјата за даночните обврзници во радиус од 50 милји од центрите за податоци се искачиле за дури 276% во текот на изминатите пет години.

27 мај 2026 - 11:28