Зошто Европа продолжува да губи

Економската зависност на континентот е во сржта на европската дефанзивност. Таман ќе решат на Пекинг да му покажат заби, некој од автомобилската индустрија ќе ги потсети дека без кинеските полупроводници и ретки магнети, ќе изгорат како чкорчиња. Секогаш кога ЕУ ќе подготви офсајд стапица за Кина, ќе се најде некој што среде трчање ќе се предомисли и ќе се закопа во место. 

На некои луѓе, ЕУ им личи на збунет фудбалски клуб чии играчи не секогаш се сигурни за кого играат. Ситуацијата ја комплицираат навивачи кои инсистираат да се игра офанзивно (а добар дел од нив не се ни од ЕУ туку се од Британија). 

Економист неодамна напиша дека „Контра-мерките на ЕУ против Трамп се чини дека фунционираат“.

Аха, да. 

Она што се случи е дека ЕУ, паметно, одби да влезе во битка. Урсула фон дер Лајен потпиша понижувачки трговски договор откако беше принудена да отиде на аџилак кај Трамп.

Шест месеци подоцна, кога Врховниот суд на САД ги прогласи царините на Трамп за нелегални, Брисел ја суспендираше ратификацијата на трговскиот договор, но, откако Трамп ѝ се закани на германската автомобилска индустрија со уште повисоки царини, и европратениците попуштија. Неодамна гласаа и за тоа.

Слично е и со Кина. Секогаш кога ЕУ ќе се обиде да воведе контра-мерки за Кина, Пекинг ја потсетува на полупроводници и ретки минерали, две работи кои таа ги има а Европа не може без нив.

Од јануари до април оваа година, трговскиот суфицит на Кина со ЕУ е  поголем за 26% во споредба со истиот период лани. 

Односите со Кина, Каја Калас ги опиша како на пациент кој се бори со рак. „Ако имате рак, имате два избора. Или да се зголеми морфиумот или да се почне со хемотерапија.“

Европејците не треба да се претставуваат како монаси. Во суштина ова е тепачка меѓу двајца трговци. ЕУ ја игра истата игра. За време на последните еврокризи, и Унијата ја девалвираше својата валута и почна да остварува големи трговски суфицити во однос на остатокот од светот.

„Во моментов, Кина ја добива оваа трговска војна, исто како што Трамп ја доби својата трговска војна против ЕУ. Причината е иста во двата случаи. ЕУ е премногу зависна од обете - од САД за одбрана и од Кина за увоз на критични материјали,“ оценува Волфганг Мунчау.

Економската зависност на континентот е во сржта на европската дефанзивност. На пример, воведоа санкции против голем кинески производител на полупроводници, но штом голем европски производител на автомобили им  кажа дека заради тоа ќе настане хаос во снабдувањето, санкциите беа подигнати. 

А тоа не е шала, европскиот автомобилски бизнис вработува 13,2 милиони луѓе.

Кина има неколку други битни предности во овој сектор. На пример, автомобилските батерии, технологија во која Кина е години пред Европејците. Кина има речиси целосен монопол за ретки земни магнети, кои се критични состојки за сите електрични мотори. Без нив не би функционирал ни борбен авион Ф-35 ни бришачи на шофершајбна. 

„Трговската војна на ЕУ против Кина личи на лошо изведена офсајд стапица. Сите истрчуваат напред, ама секогаш ќе се најде некој што ќе се попишмани и ќе застане“, пишува Мунчау.

 

27 мај 2026 - 09:48